„Три дена култура во Карев“ – прв средношколски фестивал во Скопје

„Три дена култура во Карев“ е настан кој ќе се одржи од 21-23 февруари во гимназијата „Никола Карев“, кој вклучува филмови, музика, претстави, изложби. И сето тоа креирано од самите средношколци.

Идејата за ваков настан се родила сосема спонтано, кога двајца средношколци решиле да се организираат и да направат платформа каде ќе можат креативно да се изразат. Подоцна, се проширила меѓу повеќе ученици и професори и заедно решиле да го направат овој фестивал.

„Оваа идеја се роди со цел развивање на уметноста кај младите лица. Се роди сосем спонтано, во декември го направивме основниот концепт и понатаму продолживме да го развиваме со помош од професори и ученици кои ни даваа поддршка,“ рече Никола Анчевски, еден од организаторите на овој фестивал.

„Настанот има голем одзив, ние воопшто не го очекувавме тоа, мислевме дека ќе се одржува во нашето училиште и ќе учествуваат само неколку ученици од други училишта. Дури и некои медиуми се заинтересираа за фестивалот“, задоволен е Никола.

Фестивалот е независен проект на овие ученици и не е поддржан од институции.

„Карев како училиште ја поддржува и афирмира креативноста на учениците, благодарение на директорката која ги одобрува настаните кои ги организираме,“ – посочува Анчевски.

Програмата на овој фестивал вклучува Средношколски филмски фестивал, театарски перформанси, музика и дигитална изложба.

Главниот фокус на „ТРИ ДЕНА КУЛТУРА во Карев“  сепак е средношколскиот филмски фестивал (СФФ) – прв ваков настан кој ќе се случи во нашата земја. На него може да се пријави секој средношколец  со свој краток филм. Темата на секој филм е слободна и секој автор може да испрати неограничен број филмови  кои нема да се подолги од 20 минути.  За официјалната селекција ќе бидат избрани 10 најдобри кратки филма, а најдобриот ќе биде избран од страна на публиката по пат на тајно гласање.

„Мислам дека би требало да се поддржуваат овие проекти од институциите. Ние не поднесовме барање за поддршка, меѓутоа мислам дека институциите се некако глуви во овој поглед“ рече Анчевски.

За театарски перформанс може да се пријави секој оној кој глумел во театарска пертстава, сака да направи своја или да ја изигра веќе постоечката, заедно со својот тим. Музичкиот дел од фестивалот пак ќе биде исполнет со средношколски бендови, диџеи и слободни артисти кои сакаат да настапат со свои дела, или пак песни кои ќе сакаат да ги свират. Воедно, заедно со музиката, ќе се отвори и првата средношколска дигитална изложба, па затоа секој млад уметник кој сака да учествува со било какво уметничко дело (слика, цртеж, фотографија, скица, графика, скулптура и др.) може да го испрати и да учествува на изложбата.

„Верувам  дека и идните генерации ќе покажат силна заинтересираност за овој фестивал, па затоа се надевам дека во други околности повторно би се организирал овој настан наредната година“,  заврши Никола.

Краен рок за сите пријави е 15-ти февруари и може да се аплицираат сите среднишколци кои прават филмови, цртаат, свират некој инструмент или имаат бенд, оние кои фотографираат или глумат во претстави… Пријавувањето се прави со испраќање на своето уметничко дело на tridenakultura@yahoo.com.

Стефан Митиќ