„Три дена во септември“ на режисерот на Даријан Пејовски ја доби наградата „Балкански мостови“ за најдобар филм на шестиот фестивал „Balkan Florence Experience“ кој од 22-ри до 25-ти февруари се одржа во Фиренца.
Фестивалот е преглед на најдобрата и најновата продукција на документарни и долгометражни филмови од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија.
„Балкански мостови“ им се доделува на режисери на долгометражни и документарни филмови кои, пред сè, успеале да ги зајакнат човековите права во своите филмови. Одлуката да му биде доделена на Пејовски ја донесе жири составено од филмски критичари и експерти од Балканот.
„Три дена во септември“ е копродукција помеѓу Скопје филм студио и Иконе Студио од Косово, а проектот беше поддржан од Агенцијата за филм на РМ и Косовскиот кинематографски центар. Даријан Пејовски е и сценарист на филмот заедно со Игор Иванов.
Филмот на 2 март од 18 часот ќе биде прикажан во Кинотека на Македонија, каде што ќе биде присутна и дел од екипата.