Билјана Иванова, Ива Китевска и Камелија Јаневска се три млади девојки кои истражуваа какви можности нудат руралните средини и колку младите го препознаваат нивниот потенцијал. Во изминатата година тие прошетаа низ Требиште, Цер и Вратница за да видат како може да се искористат овие места. Билјана е од Струмица, Ива и Камелија од Скопје, но заедно се здружија за да патуваат низ руралните предели и да понудат нови можности за младите од овие села.
Па така, научија дека во селото Требиште се „родил“ Hedon Riding, мал рурален бизнис воден од млади ентузијасти кои организираат тури со коњи. Во селото Цер, на пример, младите сами го обновиле младинскиот дом. Затоа веруваат дека треба да се работи со младите како двигатели на промените и во руралните средини.
„Младите беа наша целна група уште од почетокот на проектот бидејќи секако сметаме дека се најважната алка од системот која би се направила некаква понатамошна промена, а во тоа се уверивме кога ги посетивме селата и се запознавме со ентузијасти кои работат со убавините и можностите кои ги нудат руралните средини. Одличен пример е село Требиште и неговото граничење со Национален парк Маврово каде припаѓа ледничкото езеро Локув, па како одговор на ова настанува Hedon Riding, мал рурален бизнис воден од тројца млади ентузијасти и познавачи на природните дадености на тоа место, кои организираат тури со коњи и даваат можност да осознае ваквото национално богатство кое го поседуваме. Од друга страна како мали рурални бизниси постојат хостелот Китка и Чорбаџиски ан во село Вратница кои се одлични места за привлекување на нови посетители во селото и повторно организираните тури кои би ги запознавале посетителите со природните дадености на местото. Младинското учество пак, беше доста изразено во село Цер каде младите сами се организирале, собрале средства и целосно го обновиле уништениот младински дом во селото како би имале свое место за собир, организираат еко акции, промоција на селото преку социјални мрежи“, раскажуваат тие.
Најголем интерес младите во сите три села покажале за филмските вечери. Организирале рурален саем „The Rural Fair“ со кој се потрудиле да понудат разновидна содржина интересна за младите. Правеле бројни работилници, информативни настани, а разговарале и со повеќе млади претприемачи од селата.
„Луѓето во руралните средини се познаваат меѓу себе и начинот на пренесување на информацијата е многу брз и едноставен. Наидовме на многу отворени, едноставни и комуникативни млади коишто со задоволство ни помагаа и учествуваа на нашите настани, и направија да се чувствуваме како да живееме во некоја идеална средина за оние три дена колку што траеше предвидената програма за секое село“, раскажуваат девојките кои ги истражуваа овие села.
Додаваат дека да се работи во недопрена природа, чист воздух, смирен начин на функционирање е голема предност. Сепак, сметаат дека токму отсуството на било каква програма со активности за младите и селото, помогнала нивните настани бидат доста актуелни и посетени.
„Вистинските „ефекти“ веројатно треба да се гледаат некаде во идно време, доколку сме успеале да иницираме вистинска заинтересираност и нови активности. Идните, но и сегашните бизниси во ваквите места се започнати од млади луѓе, кои всушност и гледаат во потенцијалот на местото и негов развој преку бизнисите“, зборуваат младите ентузијастки.
Тие забележуваат и дека секое село си има свој потенцијал и само е потребно да се открие и искористи.
Ова се нивните препораки за тие што сакаат да ги посетат трите села:
„Требиште претставува искуство кое не смеете да го пропуштите, а тоа е јавањето на коњи и посета на езерото Локув, а по прошетката со коњи, поминете во селската чајџилница, напијте се ладна лимонада и посетете ја џамијата.
Цер е селосно зачувана стара македонска архитектура, позната по македонските народни приказни. Доколку некогаш патот ве води кон Цер, посетете го манастирот Св. Богородица чиј живописен поглед ќе ве воодушеви. Не пропуштајте ја и приликата да си наберете природен церски чај.
Вратница пак се чини дека најмногу располага со богат туристички потенцијал. Љубезните домаќини на хостелот Китка и етно ресторанот Чорбаџиски Ан ќе ви направат да се чувствувате како дома, а нешто што не смеете да пропуштите се посетата на Вратничкото Езеро и на планинскиот врв Љуботен“, препорачуваат Билјана, Ива и Камелија.
С.С.