ЕУРОДРАМ – Европската мрежа за современа драма ги соошти резултатите од изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2019 година, меѓу кои се и три преводи на македонски јазик.
Меѓу 365 пријавени преводи од цела Европа, наградени се македонските преведувачи Оливера Павловиќ и Дарко Јан Спасов.
Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно осум предложени преводи, од кои како најдобри ги избра:
– „Танцот Делхи“ од Иван Вирипаев, во превод од руски на Оливиера Павловиќ
– „Брана“ од Конор Мекферсон, во превод од англиски на Дарко Јан Спасов
– „Милата Елена Сергеевна“ од Људмина Разумовскаја, во превод од руски на Оливера Павловиќ
Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на Еуродрам, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат објавени и претставени преку јавни читања во 2019 година. Македонскиот комитет на Еуродрам ги препорачува наградените преведени драми за сценска изведба во македонските театари.
Оливера Павловиќ е долгогодишен преведувач од руски јазик. Дипломирала Филолошки факултет во Белград на отсекот за општа книжевност и теорија на книжевноста. Денес работи како драматург во Битолскиот народен театар. Преведувач е на неколку значајни дела од современи руски прозаисти (А. Чудаков, А. Волос, Љ. Улицкаја), како и од руските класици: М. Горки, Б. Пастернак, Н. Бердјаев. Превела и драмски дела и адаптации од Григориј Горин, Александар Введенски, Марина Ладо, Марина Цветаева, Василиј Сигарев и Николај Кољада. Преведувач е на одбрани драми од Чехов, комплет книги по повод јубилејот 100 години од смртта на Чехов (2004).
Дарко Јан Спасов е македонски драматург и преведувач. Работи како драматург во НУ Театар Комедија. Дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата за македонска и јужнословенска книжевност и чешки јазик, а магистрирал драматургија и сценарио на ЕСРА.
ЕУРОДРАМ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на ЕУРОДРАМ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и изведување.
Списокот на најдобри драмски преводи на други европски јазици е достапен на http://eurodram.org/