Претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци освои три награди на Меѓународниот куклен фестивал во Подгорица, Црна Гора.
Куклената претстава освои Гран при за најдобра претстава, Награда за најдобра режија за Јакуб Максимов и Награда за актерско мајсторство за Матеа Јанковска.
Режијата и драматизацијата на претставата се на Јакуб Максимов, а е работена според истоимениот роман од Астрид Линдгрен.
Во претставата играат Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.
Драматург на претставата е Горјан Милошевски, а сценографијата, дизајнот на куклите и на маските се дело на Олга Зјебињска од Полска, која ги изработи и костимите. Композитор и корепетитор е Лазар Новков од Србија.
Меѓународниот куклен фестивал во Подгорица секоја година во својата натпреварувачка програма претставува најмалку четири театарски продукции од светот за кои одлучува меѓународно тричлено жири на афирмирани театарски уметници и театролози.