Три романи влегоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“

„Простување“ од Кица Колбе, „Светот што го избрав“ од Калина Малеска и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски се трите романи што влегоа во најтесниот избор за годинашната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Ова го реши жири-комисијата во состав Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева.

Насловот на победничкиот роман, како што е најавено, ќе биде соопштен на прес-конференција на 14 март (петок) што ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.

На конкурсот за наградата „Роман на годината“ годинава се пријавија 43 романи, а жири-комисијата преку неколку селекции стаса до најтесниот избор. Како една од спецификите на годинашниот конкурс е тоа што во најтесниот избор влегоа романи напишани од авторки, што е, како што велат, своевиден куриозитет во историјата на наградата.

Наградата „Роман на годината“ за 2024 година, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а е и поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, се состои од плакета, статуетка и паричен износ од 150.000 денари што го добива авторот, во случајот авторката, на победничкиот роман.

Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 26-ти пат, а свеченото врачување ќе се одржи кон средината на мај.