Во Основното училиште „Димитар Миладинов“ од денеска е отворен Центар за талентирани ученици, заеднички проект на скопските општини Центар, Карпош и Кисела Вода.
Центарот располага со површина од 120 метри квадратни и вклучува три посебни простории и тоалет, опрема за планетариум и физика, био-хемиска лабораторија и лабораторија за уметности. Просторот е со посебен влез, физички одвоен од влезот во училиштето.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека оваа меѓуопштинска соработка може да биде корисна и перспективна за талентираните ученици од сите три општини.
„Центарот за работа со талентирани ученици е идеја, која подолго време ја чека своја реализација во Општина Центар. И навистина ме радува што оваа меѓу општинска соработка, оваа активност може да биде навистина корисна и перспективна за талентираните ученици од сите три општини. Мене ми е навистина мило што Општина Центар и општините Карпош и Кисела Вода се водечки општини во формирање на ваков Центар односно катче за нашите талентирани ученици да го развиваат и надградуваат својот талент. Верувам дека овде учениците ќе поминуваат убаво и квалитетно време, ќе се градат и развиваат и достојно ќе ги претставуваат нашите општини и државата на меѓународните натпревари“, рече Герасимовски.
Локалните власти велат дека ова е прв ваков Центар во Скопје и ќе има цел на талентираните ученици да им понуди простор каде ќе можат да ги развиваат и усовршуваат нивниот талент, знаење и способности заедно со своите наставници.
Од Општината додаваат дека трошоците за редовните комуналии за просторот (вода и интернет), струјата и парното ќе ги подмирува училиштето, а материјалните трошоци ќе ги покриваат сите три општини заедно. Оттаму додаваат дека Центарот за талентирани ученици ќе влезе и во креирањето на општинските буџети со цел талентираните ученици да го градат и развиваат својот талент и во наредните години. Општина Центар исто така ќе обезбедува и одговорно лице кое ќе се грижи за Центарот.
Фотографии: Општина Центар