Општествената сатира „Триаголник на тагата“ од шведскиот режисер Рубен Ослунд ја освои „Златната палма“ на 75-тиот Кански филмски фестивал.
Ова е втора ваква наградата за Ослунд, по освојувањето на „Златната палма“ со филмот „Плоштадот“ во 2017 година. Во „Триаголник на тагата“ станува збор за тонење на крузер во кој се возат многу богати луѓе во кој преживеаните се спасуваат на пуст остров.
Наградата беше доделена од 9-члено жири предводено од францускиот актер Винсент Линдон, а филмот на Ослунд по проекцијата доби осум минутен аплауз од гледачите.
Наградата „Гранд при“ беше заеднички доделена на драмата „Блиску“ на режисерот Лукас Донт и романтичниот трилер „Ѕвезди на пладне“ на Клер Дени.
Корејскиот актер Сонг Канг-хо победи во категоријата за најдобар актер, за неговата улога во филмот „Брокер“ во кој корејско семејство бара дом за напуштено бебе. Зар Амир Ебрахими беше прогласена за најдобра актерка, за нејзината улога на новинарка во „Светиот пајак“, трилер за сериски убиец чија мета се сексуални работнички во иранскиот религиозен град Машад.
Филмот „Момче од рајот“ на режисерот Тарик Салех победи во категоријата за најдобро сценарио.
Вчерашната завршна церемонија на Фестивалот во Кан се обиде да ја врати гламурозноста на годишните француски филмски награди кои во 2020 година беа откажани поради пандемијата, а лани беше одржана со многу мал број на посетители. Оваа година манифестацијата се одржа во време на руската инвазија врз Украина, што предизвика голем број на симболични протести за време на Фестивалот како и бројни дискусии за важноста на филмот во време на војна.