Културно – информативниот центар (КИЦ) – Скопје утре (5 мај) од 12 часот организираат трибина на темата „Блаже Конески денес“ која ќе се одржи по повод 100 години од раѓањето на македонскиот писател, јазичар и историчар.
На настанот ќе учествуваат: Димитар Пандев, Бобан Карапејовски и Бојан Петревски.
„На трибината ликот и делото на Конески ќе се осветлат и во потесна смисла и во поширока смисла. Во потесна смисла: она што претставува неговото творештво денес во македонската општествена, културнопросветна и научна стварност, како стимул и корпус. Во поширока смисла: како влог во една воспоставена лингвопоетичка традиција во македонистиката, од којашто произлегува препознатлива лингвистичка школа, која со право го носи неговото име: Школа на Блаже Конески“, стои во најавата за настанот.
Настанот ќе се одржи во паркот пред КИЦ – Скопје, а организаторите најавуваат дека настанот ќе се организира според здравствените протоколи, со неопходната дистанца меѓу присутните и заштитни маски.
Настанот ќе биде и пренесуван во живо на Фејсбук-страницата на КИЦ – Скопје.