По повод 78 години од првата премиера на театарот, на малата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржи трибината „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“.
Трибината ќе се оддржи на 3 април, понеделник, со почеток во 12 часот.
Модераторка на трибината ќе биде театрологот Ана Стојаноска, а за значењето на драмскиот автор ќе говорат авторите Јордан Плевнеш, Русомир Богдановски, Дејан Дуковски и Сашо Димоски, чии драмски текстови се поставени во МНТ.
Ним ќе им се придружи и режисерот Бранко Ставрев, кој има поставено најмногу претстави од македонски автори во МНТ.
„На сцената на МНТ од самите почетоци, до денес, постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега над 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Целта на оваа трибина е да се прикажат авторите од различни генерации чии дела, во континуитет, постојано се прикажуваат на сцената на театарот“, велат од МНТ.
Дел од поставените македонски драмски автори низ годините, меѓудругите се и Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски и Горан Стефановски.