Младинскиот образовен форум (МОФ) организира јавна трибина која има за цел да понуди конструктивна дискусија за студентското организирање и учество во државата. Настанот ќе се одржи на 23 септември (вторник), со почеток во 11.00 часот, на платото на УКИМ и е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.
Во изминатиов период организацијата работеше на анализа на функционирањето на студентските претставнички тела како Студентските парламенти на државните универзитети во Македонија, како и нивната досегашна пракса на работење.
Во изработената анализа се дискутираат учеството на студентите во универзитетските и факултетските тела, организациската поставеност и работата на студентските парламенти на сите државни универзитети во Република Македонија. Публикацијата ги дискутира и формите на организирање на матичните факултети на УКИМ, и европските практики.
Свои излагања на трибината ќе имаат проф.д-р. Димитар Гелев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, Ивана Туфегџиќ, претставник од Студентскиот пленум, Александар Стојановски, поранешен студентски активист и Александра Живковиќ, проектен координатор за високо образование при МОФ.