Левичарското движење – СОЛИДАРНОСТ и Движењето за социјална правда – ЛЕНКА организираат трибина посветена на тековната состојба со работничките права и со синдикатите, кои нив треба да ги штитат. Настанот е закажан за денеска (29-ти април), со почеток во 19 часот во Чаршиската библиотека која се наоѓа на влезот на Старата скопска чаршија.
На трибината на тема „Зошто да не се преспие 1-ви мај“, ќе се разговара за кршењето на работничките права, за местото на синдикатите во општеството, како и за проблемите кои настануваат кога синдикатите се окупирани од страна на бирократските елити, а нивните челници и стануваат се позаинтересирани за своите фотелји отколку за правата на работниците.
„Состојбата со правата на работниците е катастрофална. Наспроти објаснувањата на синдикалните лидери дека социјалниот дијалог дава резултат, социјалниот дијалог само се користи за да се креира илузија дека синдикалните лидери прават нешто за работниците. Ретките подобрувања на работничките права се придружени со доста посуштински кратења на работничките права и многу често остануваат само празни зборови на хартија, како и многу други права на работниците. Исто така, ретките подобрувања не можат да го сокријат фактот дека многу работнички права остануваат намалени и укинати“, посочуваат организаторите на трибината.
Трибината е во склоп на Месецот на социјална правда и работничка борба кој ќе кулминира со голем протест на Први мај.