Во организација на културолошката иницијатива „5 до 12“, во склоп на алтернативно културно-забавно лето, од утре во Охрид во предворјето на основото училиште „Св. Климент Охридски“ почнува тридневната работилница за цртање и сликање на тема „Културата преточена низ старата охридска архитектура и природните убавини на древниот Охрид“.
Работилницата ќе ја води професорката по ликовна уметност Катерина Слатинова со почеток од 8 часот и 30 минути секој ден.
„Организаторот има обезбедено материјали за сите учесници, но доколку сакаат можат да користат и свои. Бројот на пријавувања е ограничен на 10 учесници заради безбедно остварување, затоа ги замолуваме оние кои ќе се пријават да се придржат до наведените мерки: задолжително носење заштитна маска (влезот нема да биде дозволен без заштитна маска), задолжителна дезинфекција при влез и излез, задолжително мерење температура на влез“, стои во најавата за настанот.
Пријавувањето за работилницата за цртање и сликање се врши на следниов ЛИНК, а оттаму наведуваат дека сите пријавени ќе бидат контактирани дополнително.
Исто така, во предворјето на училиштето се организира и тридневна работилница за фотографија со Ема Велјаноска и Румен Ќамилов. Како што наведуваат од организацијата, работилницата ќе се одржи од 18 до до 20 август по два пати дневно, односно, од 8 до 12 часот и од 19 до 21 часот.
„Сите пријавени треба да носат свои фотоапарати за реализација на оваа работилница. Учесниците ќе бараат начин како преку фотографијата, како медиум, да ја подигнат свеста за екологијата и свеста за значајноста на охридската архитектура која полека исчезнува и градот го губи својот идентитет и автентичност. Менторите ќе се погрижат, при практичната работа, учесниците да научат нови техники и истовремено ќе разговараат за тоа како да се стане фотограф денес“, информираат од иницијативата.
Бројот на учесници е ограничен на десет луѓе, а пријавувањето се врши на следниов ЛИНК.
Инаку во организација на иницијативата, претходниве денови беше организирано и првото кино со автомобили во Охрид.
Од организацијата порачуваат граѓаните да останат безбедни и да го поддржат мотото на овогодишното издание насловено „Културата расте со младите“.
[Галерија] „Уникатно искуство“ – започна тридневното кино со автомобили во Охрид