Триесетина учебници по предмети од основното и средното стручно образование, треба да се испечатат и наскоро да им се поделат на учениците, информираат за „Мета“ во Педагошката служба при Министерството за образование и наука. Оттаму појаснуваат дека се работи за дополнување на тиражот поради недостиг на книги во училиштата.
– На почетокот на годината имавме проблем со доцнење на учебниците. Тоа што сè уште не е дистрибуирано, е заради тоа што сме во фаза на јавна набавка за печатење, на учебниците по општообразовни предмети кои веќе ги има во електронска форма. Се работи за дополна на тираж, односно учебниците постојат, но недостасуваат примероци. Се работи за учебници по околу 30 наставни предмети, ако се земе предвид фактот дека по девет се во една година – информира директорката Вања Велева.
Во Педагошката служба додаваат и дека во тек е подготовка на учебникот по општество за четврто одделение.
Инаку на почетокот на оваа учебна година, беа направени корекции на 22 учебници за основно и за средно образование: учебници по природни науки од 1 до 6 одделение, математика од 1 до 9 одделение, биологија од 7 до 9, хемија 8 и 9 одделение, како и учебниците по физика за 8 и 9 одделение.