Тринаесет политички партии ќе потпишат Декларација за промовирање ефективни политики за младите

Во понеделник во хотел Арка со почеток од 11:30 часот во организација на Националниот младински совет на Македонија, претставници на триаесет политички партии ќе потпишат Декларација за промовирање на ефективни политики за младите во Македонија.

Политичките партии кои ќе бидат потписници на Декларацијата се: Социјалдемократски сојуз на Македонија, Демократска унија за интеграција, Демократска партија на Албанците, Граѓанска опција за Македонија, Нова социјалдемократска партија, Демократски сојуз, Либерално демократска партија, ВМРО-Народна партија, Демократска обнова на Македонија, Демократска партија на Турците, Партија за движење на Турците, Обединета партија за еманципација на Ромите и Обединети за Македонија.

НМСМ во претходниот период упати покани до 17 политички партии кои имаат активни подмладоци во нашата земја.

Во продолжение може да ја прочитате содржината на Декларацијата која ќе биде потпишана. Истата е базирана врз основа на веќепотпишаната Декларација во 2014 година, а беше едитирана и усвоена од страна на Управниот одбор на НМСМ.

Декларација за промовирање на ефективни политики за младите во Република Македонија

Младите претставуваат столб на едно општество и еден од неговите најголеми
ресурси. Како таков, тие заслужуваат квалитетни политики кои ќе создадат услови и
можности за учење и надоградба кои ќе им овозможат и обезбедат развој на нивните
вештини, знаења и компетенции за да учествуваат во демократските текови и да се
интегрираат во општеството.

Во пресрет на Парламентарните избори, нашата политичка партија како и
пратеничката група која ќе добие мандат во Собранието на Република
Македонија ќе се залага за:

1. Отворено и партиципативно креирање на политиките за млади на сите нивоа,
водени според принципите на младински права и учество.

2. Имплементирање на Националната стратегија за млади на Република
Македонија 2016-2025, и залагање за редовно изготвување на акциски планови
за имплементација на Националната стратегија за млади, за издвојување на
соодветни финансиски средства за нивна реализација, како и нејзино редовно
мониторирање.

3. Подобрување на статусот и можностите на младинските организации и други
младински претставнички структури преку вклучување во заеднички
активности, зајакнување на комуникацијата и обезбедување на гарантирана
структурна и финансиска поддршка за младинскиот сектор.

4. Креирање законски решенија во насока на унапредување на младинските
состојби, вклучувајќи и Закон за млади, низ темелен, инклузивен и
транспарентен процес во кој гарантирано ќе учествуваат и претставници на
сите заинтересирани младински организации во земјата.

5. Воспоставување на механизам за соработка и координација меѓу државните
институции и Националниот младински совет на Македонија како најголемо
претставничко тело на младите и младинските организации во државата.

6. Воспоставување на фокусни точки за млади во рамките на државните
институции со цел интерсекторскo поврзување и пристап кон младинските
прашања и давање поголем фокус на младите.

7. Формирање на младинска лоби група во рамките на Собранието на
Република Македонија која во соработка со Националниот младински совет ќе
ги наметнува младинските теми и прашања во законодавниот дом.

8. Поддршка на здружувањето на младите на локално ниво низ форми на
младинско претставничко организирање и соработка меѓу претставничките
форми на здружување и институциите на единиците на локалната
самоуправа.

9. Гаранција за слободата на здружување на средношколците и студентите
преку поддршка на независни и инклузивни процеси на здружување и
обезбедување на услови за плуралистички и демократски модел на студентско и
средношколко организирање.

10. Подобрување на економскиот стандард, а пред сè намалување на
невработеноста кај младите во Република Македонија.

11. Систематско намалување на одливот на квалитетен млад кадар од Република
Македонија.

12. Обезбедување на услови за унапредување на здравствените политики во
нашата земја, вклучително и на оние што се однесуваат на сексуалното и
репродуктивно здравје на младите.

13. Остварување на системи за поддршка на млади на локално, регионално и
национално ниво, преку обезбедување на финансиска и административна
поддршка од секоја општина за младински центри, младински клубови и
младински иницијативи. Поддршка за дефинирање на национална рамка за
квалитет на работата со млади (младинска работа) и осигурување дека сите
млади ќе имаат еднаква можност за пристап до младински програми.

14. Унапредување и заштита на правата на младите и борба против
дискриминацијата врз секоја основа.

15. Поддршка за Националниот младински совет на Македонија соодветно да ги
претставува младите од државата пред соодветните Европски структури како
што е Европскиот младински форум, како и во процесите на структурен
дијалог на Европско и глобално ниво.

16. Остварување на евроинтеграциските процеси и европските вредности како
основен предуслов за подобрување на социо-економската и политичка ситуација
на младите.