Тринаесетто издание на „Прилеп џез викенд“ со концерти, перформанси и придружна програма

Во организација на здружението за субкултура „ПП Џез Фестивал“, од четврток до недела (29-31 август) на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи 13. издание на фестивалот „Прилеп џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend).

„Прилепскиот џез фестивал и овој пат ќе понуди одлична програма со повеќе концерти, и перформанси, со што ветува доживување на ново и незаборавно искуство на сите љубители на добрата музика“, велат од фестивалот.

Фестивалот ќе го отвори квартетот на тромбонистот Филип Стевановски , а после нив ќе настапи фракцијата од четворица млади музички аскети „Cobalt code unit“.

„Таа талка низ обемните широчини на јужно балканските традиции на импровизирана и ритуална музика контемплирајки ги хоризонтите на современиот џез, креативната слободна импровизација, психоделичните импресии на афричките ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж пресликани преку призмата на авангардниот израз, од кои се очекува импровизација на сцената и еден уникатен проект пред прилепската публика“, соопштува организаторот.

Втората вечер ќе започне со настапот на триото на Ѓоле Грујовски со промоција на новиот албум „Deep Blue“, а после нив пред прилепската публика ќе се претстави квартетот на Никола Бочваров со специјалниот гостин Ристо Вртев („Архангел“).

Последниот ден од фестивалот ќе се претстават гостите од Србија и Словенија / Украина.

„Предводени и формирани од словенечкиот саксафонист и композитор Јуре Пукл, ‘Jure Pukl Organic Trio’ е  група од тројца артисти чија музика е оригинална и содржи елементи на џез, модерна класична музика и мешавина од популарни музички жанрови. Фестивалот ќе го затворат гостите од Србија, ‘Crno dete’ со еден уникатен проект со звук кој е комбинација од рок, ноиз,џез, панк и фолк“, најавуваат организаторите.

Овие настапувачи се распоредени во три фестивалски денови, придружната, оф програма, започна вчера со концерт на „Taxi Consilium“ во клубот „Калинка“. За денеска (25 август), најавен е црковниот хор Св.Петка – концерт во археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, а за утре (25 август) ќе има диџеј перформанс на Мишко Сапунџија во клубот „Таверна“.

„’Прилеп џез викенд’ е веќе десет години домаќин на најдобрите имиња од македонската, балканската и на дел од европската џез сцена и е позициониран на картата на значајни музички манифестации, не само во Република Македонија, туку и еден од позначајните во регионот воопшто. Во изминатите години сите што настапија на неговата сцена, оставија белег во креирањето на фестивалската историја и извршија силно влијание врз прилепската публиката“, соопштува организаторот.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Општина Прилеп и неколку општествено одговорни компании.

Влезници за „Прилеп џез викенд“ може да се купат на плоштад во #CityTobacco.

Детални информации за фестивалот можете да се видат на официјалната страна www.prilepjazz.mk.