Скопскиот џез фестивал одлучи наградата за најдобар млад македонски џез музичар што традиционално се доделува секоја година, оваа година да му ја додели на инструменталното скопско џез-трио „Зулу 3.4“
Наградата всушност, како што велат оттаму, им се доделува на сите негови членови подеднакво, односно Дамјан Даневски (тапани), Марио Симоновски (гитара) и Мартин Џорлев (клавијатури).
„Ова е нивна година. Својот уникатен, оригинален звук, присутен на нивните три албумски објави, успешно го изнесоа на бројни концертни подиуми дома, но и во странство, освојувајќи искрени симпатии кај музичките новинари и публиката“, велат од „Скопје џез фестивал“.
„Зулу 3.4“ е инструментален бенд од Скопје, формиран во март 2018 година од тројца џез ентузијасти, чија цел е преку фузија на различни стилови да создадат уникатен звук и да внесат свежина на македонската музичка сцена. Иако станува збор за релативно млад бенд, досега имаат реализирано бројни настапи, а се потпишуваат и зад три авторски изданија: „FM to AM “, „Expandability“ и „Fragments“.
Наградата ќе им биде врачена во четврток (13 октомври) пред нивниот настап во Младинскиот културен центар во рамките на 41. Skopje Jazz Festival.