Скоро еден милион оценки поднесени на сајтот „Tripadvisor“ минатата година, што претставувало 3,6% од вкупниот број, било утврдено дека се лажни.
Во вториот извештај за транспарентност, платформата за совети за патување информираше дека 67% од лажните оценки биле забележани пред да бидат објавени на сајтот преку алгоритмите за модерирање.
Во извештајот исто така се прикажани и детали за платените оценки, феномен кој е многу застапен бидејќи голем број бизниси сакаат да го подобрат нивното рангирање на сајтот. Од компанијата велат дека отстраниле вакви платени оценки од 131 држава во 2020, меѓу нив и пикот на таквите оценки кои доаѓале од Индија.
„Иако целокупната количина на оценки се намали поради падот на патувањата, лажните оценки, кои секако не се засновани на вистински искуства на коринсиците, не го следеа истиот тренд. Нашиот тим остана буден и ефикасен во ловење на ваквите измамници и како резултат на тоа количината на оценки кои биле одбиени или отстранети се зголеми и е на ниво со бројките од 2018 година, пред почетокот на пандемијата“, соопштија од „Tripadvisor“.
Иако овие лажни оценки претставуваат најголема опасност за интегритетот на платформата и за бизнисите кои се наоѓаат на неа, сепак тие не се единствена содржина која била отстранувана од сајтот. Повеќе од 2 милиони поднесени оценки, што претставува 8,6% од вкупната бројка, биле одбиени или отстранети поради користење на вулгарен јазик.
Пандемијата предизвикала дополнителни предизвици за „Tripadvisor“, кои морале рачно да отстранат 257 илјади оценки, од кои 46 илјади поради кршење на нивните правила за коментирање. Овие случаи најчесто биле кога во оценките имало охрабрување за непочитување на владините мерки против пандемијата, обесхрабрување на тестирање на вирусот или ширење дезинформации, како и расистички коментари од типот на „Кинескиот вирус“ или „Вухан вирусот“, или пак критикување на огласените бизниси поради воведување на ковид-безбедносни мерки.
Компанијата казнила 34.605 огласени бизниси за мамење, а банирала и 20.299 корисници на платформата поради непочитување на корисничките правила.
Корисниците вкупно објавиле преку 26 милиони оценки минатата година. 12 милиони од нив се оценки за ресторани, 8 милиони за хотели, а нешто над 4 милиони оценки биле за активности и туристички атракции. Повеќе од половина од оценките биле поврзани со престој во Европа, а 23,5% од оценките биле за нивните искуства во Северна Америка.