Младите македонски поети Ивана Јовановска, Андреј Медиќ Лазаревски и Павлина Атанасова од 27 до 30 јуни ќе настапат на фестивалот „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска.
„Поетите ќе се претстават со нивната поезија пред загребската публика на повеќе читања, а во рамки на фестивалот ќе се одржи и посебен настан – разговор за нивната поезија, што ќе го модерираат Иван Херцег, директор на фестивалот, и Славомира Рибарова“, велат од ПНВ Публикации.
Како што информираат оттаму, „Стих у регији“ е еден од најзначајните поетски фестивали во регионот. Настаните ќе се одржат во Загреб, Вараждин и во Врбовец, а покрај македонските и хрватските, ќе настапат и поети од Велика Британија, БиХ, Бугарија, Италија, Србија, Украина и Словенија.
Ова гостување е дел од соработоката за размена на автори помеѓу Хрватското друштво на писатели од Загреб, Хрватска, и издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, а помогнато од Министерството за култура.