Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денес информира дека ќе преземе дополнителни чекори за поголема транспарентност во истрагата за Клиниката за онкологија.
„Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија“, велат оттаму.
Одлуката доаѓа по средбата на 7 септември меѓу онколошките пациенти со обвинителите кои работат на случајот, каде пациентите изнесоа неколку барања меѓу кои и барање по случаен избор да се одберат онколошки пациенти кои ќе имаат континуиран увид во истрагата и од истрагата ќе сведочат за веродостојноста.
„Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање“, соопштија од ОЈО.
Од таму уверуваат дека се преземени сите дејствија за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет, и дека од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.
Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Во текот на денешниот ден, информираат од Основното јавно обвинителство, надлежниот јавен обвинител телефонски го контактирале 10-тина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да ѝ помогнат на постапката.
Онколошки пациенти влегоа во Обвинителство и побараа одговори и одговорност