Тропските шуми можат да се регенерираат со изненадувачка брзина и скоро целосно би се обновиле доколку 20 години не се под влијание на човекот, покажува нова студија на меѓународна група научници.
Ова е поради мултидимензионалниот механизам во кој старите шуми помагаат во создавање на нови шуми. Се работи за природен процес познат како „секундарна сукцесија“.
Новите сознанија, кои се објавени во списанието „Наука“, можат да имаат важна улога во избегнување на уништувањето предизвикано од климатските промени и да понудат нов совет за идно дејствување. Научниците исто така сугерираат дека не е предоцна за да се поправи штетата која човештвото ја има направено низ катастрофалните климатски промени последниве неколку децении.
„Ова е добра вест бидејќи станува збор за 20 години… Тоа е реалистично време кое можам да го замислам јас, може да го замисли мојата ќерка, а можат да го замислат и носителите на одлуки“, објаснува Лоренс Пуртер, професор по функционална екологија на Вагенинген универзитетот во Холандија, кој е и автор на студијата.
Оваа идеја за природна регенерација често се отфрла на сметка на садење нови дрва. Сепак, според Пуртер, првиот систем има подобри резултати отколку новото садење растенија.
„Во споредба со садење нови дрвја, има многу подобар успех во поглед на биодиверзитетот, климатските промени, митигацијата и зачувување на хранливите состојки“, вели тој.
Неговата порака е дека не е неопходно да се садат нови дрвја кога природата самата го прави овој процес.
Во студијата учествувале повеќе од 90 научници од целиот свет. Во истражувањето се анализирани шумски локации на три континенти. Тие истражувале 12 различни критериуми – од почвата и екосистемските структури до биодиверзитетот. Тие потоа направиле модели од нивните податоци кои им помогнале да ги видат долгорочните трендови на обновувањето на шумите.