Трошоците на живот во јануари зголемени за 4.9% во споредба со истиот месец лани

Индексот на трошоците на животот во јануари годинава, во однос на јануари 2024 година, бележи зголемување од 4.9%, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 5.2%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во меѓувреме, податоците покажуваат дека инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, изнесува 0.2%.

Зголемувањето на инфлацијата во јануари годинава, во однос на декември 2024 година е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во групите – разновидни стоки и услуги за 1.6%, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1.5%, ресторани и хотели за 0.7%, храна и безалкохолни пијалаци, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и рекреација и култура за 0.1%.

Во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите транспорт за 0.9%, комуникации за 0.4% и облека и обувки за 0.2 %.

Трошоците на животот во групите домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.