Градоначалникот на oпштина Центар, Андреј Жерновски, претседателот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ и претставниците на Здружението за заштита на правата на животните “Анима Мунди“ седнаа да ги испеглаат недоразбирањата околу одлуката за комунален ред, изгласана на последната седница на Советот на Општина Центар.
Градоначалникот Жерновски посочи дека во четврток, на веќе закажаната седница на Советот ќе се стави корекцијата на член 95 од одлуката, претходно усогласена со “Анима Мунди“.
Се предлага да се избрише делот од одлуката каде што стои дека не е дозволено чување на кучиња кои постојано лаат и завиваат и чување на кучиња во станбени згради и во нивните дворови. Се предлага да се дозволи чување на кучиња во дворовите во колективните станбени згради за кои сопственикот има прибавено писмена согласност од мнозинството станари во станбената зграда или од заедницата на сопственици на станови.
Од “Анима Мунди“ задоволни и му се заблагодарија на Жерновски за брзата реакција.
“Ова беше одличен состанок, има добро расположение и лесно ќе ги надминеме недоразбирањата. Дел од забелешките се прифатени. Генерално работите ќе се изменат кон подобро“, изјави Столе Велковски од “Анима Мунди“.
“Најголемиот број забелешки и пишувања беа вештачки внесени во дебатата. Она што е проблематично ќе го поправиме во одлуката“, рече Жерновски.
Извор: НОВА