Од осумте планирани билборди, како дел од второто издание на „Билборд арт“, делото на уметницата Ирена Паскали „За секое семејство Дупло – за доброто на Македонија“, не е воопшто ни поставено, реагираше денеска преку соопштение Институтот за уметност и за култура Арс акта, а пренесе Фокус. Насловната фотографија на овој текст е всушност цензурираниот билборд:
„Арс Акта, како организатор, два дена се обидуваше да убеди било која од билборд компаниите да го постават ова дело, на некој од уличните билборди. Но, за жал залудно. Токму овој обид, делото барем да заживее, беше причината што ние како организатори замолчивме за оваа ситуација привремено, со цел по поставување на истото јавно да проговориме за цензурата на делото на Паскали. Од причина што сите наши обиди за изнајмување на билборд-локација останаа неуспешни, заради природата и концептот на делото кое не е во согласност со „афимативната и приклонета кон власта (заради страв)“ политика на медија-компаниите, должни сме гласно и револтирано, да се произнесеме во јавност. „Арс Акта“ доби негативен одговор од сите билборд компании во градот, а оправдувањата беа повеќеслојни и со различна природа, почнувајќи од изговори за немање слободни локации за поставување на билборди, до изговори за конкурентноста меѓу компаниите, преку нагласување на нивното дискреционо право да стопираат поставување на билборд на наплатена билборд локација, па страв од последици (инспекции, контроли) и неизвесност за можните реперкусии – велат од институтот.
Оттаму потсетуваат дека со слична ситуација се соочиле и при првото издание на „Уметноста на билбордот 1“ во 2012 година, со примерот на делото на уметничката група ОПА „Ги брише и најнедостапните места“, кога беше искинат плакатот по само неколку часа од поставувањето на билбордот. Станува збор за билбордот на кои имаше фотографија од „мистично“ исчистените икони во скопската црква „Св. Димитрија“ и билбордот изгледаше како реклама за детергент.
– Она што ова дело го носи како идеја и коцепт е визуелно едноставно решено, тоа е директно и многу јасно за секој граѓанин. Тоа повикува на воочување на граѓанската послушност и „страв“, на философијата на „подвитканиот врат кој сабја не ја сече“, ја соочува реалноста на тацна пред нос и во очи. Паскали користи свои лични сметки (соопштувајќи една лична приказна) од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ кои се дојдени два пати за ист месец на ист корисник на нивните услуги и судски тужби за разрешување на таквата состојба. Значи делото само по себе нема никакви правни, ни верски, ни политички, ни национални, ниту пак никакви други дубиози или неправилности или атак, но таа директност предизвика цензурирање на делото уште во самиот корен и зародиш, уште пред да биде испечатено и поставено на предвидената локација – објаснуваат од „Арс акта“.