Во галеријата „Грета“, на Илица во Загреб денеска(11 ноември) ќе биде отворена изложба на иницијативата Кооперација.
Ова е прва изложба на Кооперација надвор од земјава и опфаќа дела изложени на (или кои се во корелација со) досегашните настани на Кооперација. Изборот на делата насочува кон присуството на телото во еден специфичен социјален и локален контекст, третирајќи го како политички простор.
„Иако делата во оваа изложба не се занимаваат со буквална референца на телесно присуство преку перформанс, сепак, сите се однесуваат на злоупотребата или принудното предавање на телото во масата, или пак неговото отсуство посведочено преку траги на претходно присуство, текстуални „фусноти“ или документирани интервенции во јавниот простор”, вели Владимир Јанчевски во текстот кон изложбата.
На изложбата ќе се претстават Симон Узуновски, Велимир Жерновски, Оливер Мусовиќ, Ѓорѓе Јовановиќ, Инес Ефремова, Никола Узуновски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, ОПА, Харалд Шенкер, Игор Тошевски, Александар Спасоски, Владимир Лукаш, Филип Јовановски и Владимир Јанчевски.
Кооперација е иницијатива чија цел е активно делување вон инертните институционални рамки и која предлага еден поинаков начин на создавање и доживување на современата уметност на територијата на Македонија. Иницијативата се залага за поместување и редефинирање на границите помеѓу јавниот и личниот простор и отворање на прашањето за активната улога на уметноста во контекст на централизираната културна политика и општествените дискурси.
Изложбата ќе биде отворена до 17 ноември.