Новинарите кои се обидуваат да известуваат за земјотресот во Турција се соочуваат со забрани, приведувања и истраги откако владата отвори војна со наводни „дезинформации“, додека бројот на жртви и натаму расте, јавува Балкан Инсајт.
Волкан Пекал, дописник од Адана за весникот Евренсел, е еден од новинарите кој беше приведен од полицијата бидејќи „без дозвола“ ги фотографирал местата погодени од земјотресот околу Адана. Од Евренсел рекле дека на Пекал му било забрането да продолжи да фотографира врз основа на „усните упатства“ од локалниот гувернер.
„Има бројни известувања дека новинарите во Дијарбекир се спречени да известуваат за срушените згради по наредба на Претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД)“, соопшти Асоцијацијата за медиумски и правни студии (МЛСА).
Во меѓувреме, обвинители во Истанбул започнаа истрага против искусните новинари Мердан Јанардаг и Енвер Ајсевер поради нивните тврдења дека владината реакција на катастрофата не била ефикасна. Обвинителството соопшти дека тие се под истрага за „отворено поттикнување луѓе на омраза и непријателство“.
Полицијата соопшти дека идентификувала 90 лица за ширење лажни вести и дезинформации во врска со земјотресот на социјалните мрежи, од кои четворица се приведени.
Еден од нив е и Озгун Емре Коч, политички коментатор од академската информативна платформа Дактило 1984. Тој беше приведен во вторникот поради неговите критички твитови за тоа како владата се справува со последиците од земјотресот.
Владиниот одговор на катастрофата беше критикуван од бројни преживеани, експерти и новинари, кои велат дека властите не успеале да достават помош во неколку разурнати области и дека не ги искористиле ефикасно вооружените сили, и покрај тоа што има 120.000 лица во регионот.