Турските власти соопштија дека издале 113 налози за апсење поврзани со изградбата на објектите кои се срушија во земјотресот кој ја погоди земјата пред една недела.
Од турската полиција информираа дека најмалку 12 лица се приведени, меѓу кои и градежни изведувачи на објектите.
Се очекува да има уште апсења, но многумина овие активности ги гледаат како обид властите да ја пренасочат вината за катастрофата со огромни човечки жртви.
Досега во земјотресите загинаа повеќе од 33.000 луѓе во Турција и Сирија.
Со години експертите предупредуваат дека новите објекти во Турција се небезбедни поради широката корупција и владините политики. Овие политики овозможуваа таканаречени амнестии за градежните изведувачи кои ги заобиколуваа градежните регулативи со цел да се поттикне градежниот бум, вклучително и во регионите кои се поподложни на земјотреси.
Во земјотресот се срушија илјадници објекти, што го отвори прашањето дали последиците од оваа природна катастрофа се влошени од човечки фактор.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган призна пропусти во одговорот на институциите, но при една од неговите посети на погодените подрачја вината ја префрли на судбината.
„Такви работи секогаш се случуваат. Тоа е дел од планот на судбината“, изјавил Ердоган.
Низ јужна Турција и северна Сирија милиони луѓе се оставени без домови, а температурите продолжуваат да паѓаат под нулата секоја ноќ. Од Обединетите нации предупредија дека повеќе од 800 илјади луѓе се без соодветни оброци, додека нивната агенција за помош предупредува дека конечната бројка на загинати може да се удвои од досега официјално потврдената.