Турска новинарка приведена под сомнение дека го навредувала Ердоган

Турската новинарка Седеф Кабас ризикува да добие затворска казна до четири години за наводна навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пишува Дојче Веле.

Полицијата ја приведе вчера во раните утрински часови, а судот нареди да остане во затвор до судење.

Адвокатот на Кабас, Угур Појраз, рече дека ќе се жалат на „незаконската“ одлука во понеделник.

„Се надеваме дека Турција ќе може да се врати на владеењето на правото наскоро“, рече Појра.

Кабас не го именуваше директно Ердоган. Меѓутоа, властите се противат на поговорката што таа ја употреби за време на емисија на телевизијата Теле1, а подоцна и твитна.

„Кога волот доаѓа во палатата, тој не станува крал. Но, палатата станува штала“, напиша Кабас.

Портпаролот на Ердоган, Фахретин Алтун ја нарече Кабас „неморална“ и „неодговорна“.

„Честа на претседателската функција е чест на нашата земја… Ги осудувам вулгарните навреди упатени кон нашиот претседател и неговата канцеларија“, напиша тој.

Турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, на Твитер напиша дека Кабас „ќе го добие она што го заслужува“ за нејзините „незаконски“ изјави.

Регулаторот за емитување во земјата, во меѓувреме, започна истрага против Теле1 за „неприфатливи изјави“ насочени кон претседателот.

Главниот уредник на Теле1, Мердан Јанардаг, остро го критикуваше апсењето.

„Нејзиниот притвор преку ноќ во 2 часот по полноќ поради поговорка е неприфатлив“, напиша тој на Твитер. „Ова е обид да се заплашат новинарите, медиумите и општеството.“

Навреда на претседателот носи затворска казна од една до четири години.

Откако Ердоган стана претседател во 2014 година, беа поднесени 35.507 случаи на навреда на претседателот и имаше 12.881 пресуди.

Кабас претходно беше обвинета откако објави критики за судија назначен од владата кој ја отфрли истрагата за корупција против Ердоган и други политичари. Таа подоцна беше ослободена.

Турскиот новинарски синдикат го нарече апсењето „сериозен напад врз слободата на изразување“.

Репортери без граници ја ставија Турција на 153 место од 180 земји во нивниот индекс за слобода на печатот.