Турскиот бунт низ очите на еден МОФ-овец

Изминативе три дена се најдов во Измит, Турција, град оддалечен само 100 километри од Истанбул, каде присуствував на подготовка на тренинг на тема „Мелодии на толеранцијата“ од европската програма „Млади во акција“. Меѓутоа, сосема очекувано, овој текст нема да го посветам на позитивните искуства со подготовката на тренингот, гостопримливоста на организаторите и богатствата кои ги поседува Измит, туку на можеби еден од најбитните настани кој досега и се случиле на Турција низ историјата – бунтот за остварување на слобода на народот, бунтот против привидната демократија, авторитарното владеење и преголемата вмешаност на религијата во одлуките кои ги носи државата.

Само што пристигнав во Измит, дознав од луѓето дека веќе четврти ден по ред граѓаните на Истанбул, здружени од голем број на коалиции и здруженија протестираат во паркот Гези во Истанбул, кој го претставува последниот зелен простор останат на плоштадот Таксим, а по одлуката на турската власт треба да се претвори во воена касарна и можеби трговски центар во отомански стил. Ми објаснија дека владејачката Партија на праведноста и развојот е партија со конзервативна политичка идеологија, која на чело со премиерот Реџеп Таип Ердоган веќе десет години го има мнозинството во парламентот. Се пожалија дека од неговото доаѓање, секуларноста на Турција е неизвесна, поради воведувањето на закон кој ја забранува продажбата на алкохол од 22 часот до 6 часот наутро, забранување на реклами за алкохол, забрана на ресторани во близина на училишта да продаваат алкохол, поради препораките на државата дека секој треба да има по три деца, како и поради обидот за воведување на закон кој забранува бакнување на јавни места и поради целосното неприфаќање на ставови различни од оние на политичката идеологија на партијата на власт.

Петочната вечер, како што ситуацијата на Таксим во Истанбул ескалираше, дознав дека полицијата започнала да се обидува насилно да го задуши протестот. Целата атмосфера на тренингот на кој присуствував одеднаш се промени во депресивна и целото внимание од семинарот, се одвлече кон протестите. Се зборуваше дека многу од луѓето кои протестираат веќе се приведени, а голем дел од нив имаат и физички повреди нанесени од напади со водени топови и солзавец. Се зборуваше и за можни изгубени животи. Истата вечер околу 23 часот, во Измит спонтано се собраа 2000 граѓани кои протестираа пред локалните власти со истите цели како демонстрантите во Таксим.

Веќе до другиот ден, протестите станаа помасовни и продолжија во 13 градови низ Турција, меѓу кои беше и Измит. Околу 17 часот, десетици илјади граѓани на Измит се чекаа пред плоштадот Халкеви (на македонски „куќа на народот“) која претставува спомен-куќа на поранешно социјалистичко движење во Турција, кое се залагало за социјалната благосостојба на Турскиот народ, а кое неодамна било осудено и забрането од власта. „Стоп за фашизмот, оставка на владата на Ердоган“, „Ги сакаме назад нашите слободи“ и многу други пароли постојано се повторуваа низ улиците на Измит. Беше неверојатно да видиш десетици илјади граѓани како дишат како едно, се борат за иста цел, да бидеш со нив само десетина минути за да станеш еден од нив и веќе да ја делиш истата мака. Еден соучесник на семинарот од Босна и Херцеговина напиша „Они се дигаат против владата, не го прифаќаат ова статус-кво, а нам ни е супер – ние за Први мај јадеме ќебапи“. Низ целата редица на протестот наидов и на петмина, кои на своите транспаренти ги имаа испишано хаштаговите на протестите, а и такви кои од своите телефони имаа отворено преносни хотспот интернет мрежи, со цел сите оние кои присуствуваат на протестот, да можат да го пренесуваат со содржини на интернет.

Протестите во Измит траеа низ целата вечер и останаа мирни, а полицијата сепак во текот на ноќта приведе околу 50 граѓани и примени насилство за да ги запре. Меѓутоа, бунтовничката и слободарска атмосфера не застана таму. Фидан Акјуз, младинска активистика, во неделното утро дојде загрижена, но и среќна. Загрижена бидејќи не можеше да ја пронајде својата внука до утринските часови – ја нашла некаде на улиците како се’ уште протестира, а среќна бидејќи нејзиниот народ конечно се крева на бунт против политиките на актуелната власт, која веќе 10 години ги потиснува граѓаните.

„Првите неколку дена протестаните реагираа само преку читање книги во паркот. Откако полицијата почна да ги напаѓа со водени топови и солзавци, протестот премина во генерален отпор. Започна на Таксим, а денес веќе е проширен во 49 градови низ Турција. Таксим беше само последната капка, а сега половина Турција протестира против опресивните политики“, ми напиша денес Фидан од Измит.

Градот денес протестира  петти ден по ред. Понеделничкото утро започна со големо студентско движење пред ректоратот на универзитетот Коџаели, каде студентите праќаат порака до академската заедница дека треба да се бори за обезбедување на демократски услови во државата и да се грижи за благосостојбата на младите во државата. И покрај обвинувањата на премиерот Ердоган дека протестот е организиран од „екстремистички движења на структури во и надвор од Турција“, младите и освестените граѓани на Истанбул, сметаат дека е нивна одговорност да ја симнат актуелната авторитарна власт.

Огнен Јакасановски