Интернет активистите во Турција велат дека предложениот закон за зајакнување на онлајн цензурата нема да ги спречи. Чекорот за блокирање на вебстраници доаѓа во моменти кога владата е соочена со корупциски скандал, пишува Дојче Веле.
Предложениот закон ќе и овозможи на владата да прави дополнителни контроли на интернетот, а министрите ќе имаат надлежност и да блокираат вебстраници. Адвокатката Селен Каледелен од вебстраницата Корсан, на која се води кампања за слобода на информирањето, вели дека ова е суров обид да се задушат обвинувањата за корупција на високо ниво во владата.
„Овој закон ќе им дозволи на властите да блокираат вебстраници за неколку часа“, објаснува Каледелен. „Така што, за мене ова е диктатура од страна на властите во однос на законот. Ова е закон за цензура и ние не го признаваме“, вели адвокатката.
Во минатите месеци, турските медиуми беа полни со извештаи за отпуштања на илјадници полицајци и обвинители по судските истраги за корупција на највисоко ниво во владата. Критичарите ја обвинуваат владата дека таа сега се обидува да спречи идно, потенцијално засрамувачко протекување на информации на интернет. Според новиот закон, интернет провајдерите ќе се соочат со поголема владина контрола и ќе бидат обврзани да ги чуваат информациите за корисниците. Пребарувањата по клучен збор ќе бидат исто така блокирани.
Политичкиот аналитичар Ченгиз Актар од „Истанбулскиот политички форум“ вели дека предложениот закон е последен удар на „веќе повредената слобода на интернет во Турција“.
„Законот од 2007-ма година е и онака многу рестриктивен. Турција и сега е една од најлошите земји во однос на слободата на интернет. Ќе видиме колку далеку ќе оди ова. Секогаш е многу тешко да се прекинат сите врски со светот и да се направи Турција да биде нешто што ќе личи на Северна Кореја. Ова се очајнички потези на владата“, вели Актар.
Како и да е, владиниот портпарол Хусеин Челик ги отфрла ваквите забелешки, велејќи дека предложениот закон има за цел да го заштити семејството и приватноста.
„Турција не е Кина и никогаш нема да биде како Кина во оваа смисла. Дали сите ние не се согласуваме дека ни се потребни одредени закони за социјалните медиуми и интернет медиумите? Ова ќе бидат регулативи кои се засновани врз светските стандарди каде било во светот“, изјави Челик.
Според постоечкото законодавство, турските судови имаат блокирано повеќе од 40.000 интернет- страници. Тоа е една од највисоките бројки во светот. Популарни страници како Јутјуб беа блокирани неколку години.
Целиот текст може да го прочитате на Дојче Веле.