На 15 април, Кривичниот суд во Истанбул му изрече 10-месечна условна затворска казна на пијанистот, композитор и блогер Фазил Сај поради неговите коментари на Твитер, прогласувајќи го за виновен за прекршување на член од турскиот Кривичен законик со кој се забранува „оцрнување на религиозните вредности на дел од општеството“.
Сај беше обвинет од канцеларијата на јавното обвинителство на Истанбул во јуни 2012 година откако објави неколку твитови на Твитер поради кои беше обвинет за навреда на исламот, додека пијанистот тврдеше дека тој само пренел стих од една песна и дека неговите коментари биле политички оправдани.
Нејасно е дали Сеј бил обвинет за ретвитот на песната или поради неговите коментари во врска со религијата. Но, проблемот не е во тоа дали Сеј е политички коректен или учтив, туку во тоа што неговото право на слобода на изразување било ограничено.
„Пресудата се коси со правото на слобода на изразување. Луѓето имаат право да пренесуваат коментари, да споделуваат ставови и да упатуваат на дебати кои другите луѓе може да ги сметаат за непријатни, навредливи или вознемирувачки. Од суштинско значење е луѓето да можат да споделуваат мислења и да учествуваат во јавни дебати, вклучително и за прашања поврзани со религијата“ изјави Агнес Каламард, извршен директор на членот на ЕДРи, НВО „Член 19“ којашто изрази загриженост поради одлуката на турскиот суд.
Турскиот закон вели: „Човек кој јавно ги презира верските вредности усвоени од страна на еден сегмент од општеството, а во случај чинот да е насочен кон нарушување на општествениот мир, ќе биде казнет со затворска казна од шест месеци до една година (член 216/3)“. Дури и Таха Акиол, еден од критичарите на коментарите на Сеј, смета дека зборовите на Сеј, иако се груби и иритирачки, сепак не претставуваат „отворена и непосредна опасност” или „нарушување на општествениот мир“.
НВО „Член 19“ апелира до турската влада да преземе мерки за обезбедување на слободата на изразување на и надвор од интернет и да ја поништи казната на Фазил Сеј. Групата исто така повикува на измена на турскиот Кривичен закон (член 126, врз основа на кој Сеј беше осуден) за да се усогласи со меѓународните стандарди за слобода на изразување, вклучувајќи ја и Европската конвенција за човекови права, чијшто потписник е Турција.
Извор: Metamorfozis.org.mk / ЕДРИ-грам „Turkish pianist sentenced for comments on Twitter“ бр. 11.8, 24 април, 2013.