Компанијата Твитер соопшти дека престанале да ги спроведуваат политиките за дезинформации околу коронавирусот.
Според вебсајтот на компанијата, оваа одлука стапила на сила на 23 ноември и платформата повеќе не презема никакви активности за твитови кои ги кршат ковид правилата.
Твитер претходно извести дека до септември суспендирани биле повеќе од 11.000 профили поради прекршување на ковид политиките на платформата.
Според интернет страницата на социјална мрежа, другите политики за дезинформации и понатаму остануваат на сила.
Според ковид политиката на Твитер, мрежата функционираше со давање неколку опомени за профили кои објавуваа „докажано погрешни или манипулативни“ содржини, кои можеше да водат кон „значителен ризик за изложување на Ковид-19 или штета по јавно-здравствените системи“. Доколку некој профил објавеше еден таков твит со дезинформации, немаше последици, но оние кои ваквите објави ги твитаа повеќе пати добиваа суспензија – од забрана за твитање на неколку часа и дена, па се` до трајна суспензија доколку петпати ги прекршат овие ковид политики.
И не само што се укинуваат овие политики, туку Твитер сега и ги враќа оние кои ги прекршиле ковид правилата на платформата. На пример, Твитер го врати профилот на американската конгресменка Марџори Тејлор Грин, која доби забрана во јануари.