Твитер го отстрани беџот за верификација на Њујорк Тајмс, откако медиумот објави дека нема да плаќа за услугата

Два дена откако Твитер наводно требаше да започне да ја отстранува ознаката за верификација од профилите кои нема да плаќаат за претплата, многу од верифицираните профили ги задржаа своите сини беџови, освен Њујорк Тајмс.

Главниот профил на весникот, кој има 54,9 милиони следбеници од вчера го нема беџот, а сопственикот на Твитер, Илон Маск, претходно најави дека медиумот ќе го изгуби својот симбол за верификација откако Њујорк Тајмс најави дека нема намера да плаќа за да го задржи симболот.

Иако беше отстранет синиот беџ од главниот профил, многу други Твитер профили на Њујорк Тајмс ја задржаа ознаката за верификација, како посебните профили на весникот за светски вести, наука и коментари.

Од медиумот претходно соопштија дека не планираат да ја плаќаат месечната претплата за ниту еден од нивните Твитер профили и дека нема да ги рефундира своите новинари кои би сакале да ги задржат симболите за верификација освен „во ретки случаи каде овој статус е неопходен за новинарски цели“.

По ваквата информација Маск преку својата социјална мрежа испрати порака дека ќе биде отстранет беџот од профилот на весникот.

Од вчера сите профили кои имаат син беџ имаат објаснување дека „профилот е верифициран бидејќи е претплатен на Твитер Блу или пак е од поранешните верифицирани профили“. Претходно, платформата правеше разлика помеѓу овие два вида на верификација, а со промената станува потешко да се разбере дали одреден профил го има беџот затоа што е вистинска јавна личност или компанија, или пак само е претплатник на сервисот на Твитер.

Корисниците кои ќе се претплатат на сервисот Твитер Блу добиваат разни поволности – како поголема видливост на социјалната мрежа и присуство во делот „За тебе“ на главната Твитер страница.

Маск најави дека Твитер Блу е начин преку кој планираат да ги подигнат приходите на компанијата, но и метод преку кој сакаат да се справат со големиот број тролови и ботови на платформата. Сепак, безбедносните експерти се плашат дека ваквиот претплатнички модел може само да го влоши ширењето на дезинформации и имитирање на социјалната мрежа.

Новиот претплатнички сервис нема никакви критериуми за тоа кој може да го добие верификацискиот беџ како што беше случај претходно. Единствените услови се да бидете претплатници на услугата, профилот да биде постар од 30 дена и да не се служи со некаква форма на измама.

Њујорк Тајмс минатата недела имаше сторија во која информираа дека најголемите 500 компании кои се рекламираат на Твитер, како и 10.000 организации со најмногу следбеници кои биле веќе верифицирани нема да треба да плаќаат за верификација, цитирајќи интерен документ на социјалната мрежа. Њујорк Тајмс е 19-ти профил со најмногу следбеници на Твитер.