Социјалната мрежа Твитер од денеска котира на американската берза, во обид на компанијата со јавната понуда на акции да собере една милијарда долари во следните недели. Таа поднесе ткн. S-1 пријава до американската Комисија за хартии од вредност, која открива дека Твитер во моментов има 218.3 милиони корисници, како и повеќе од 100 милиони корисници и 500 милиони твитови на ден.
Според податоците од пријавата, Твитер во 2012 имал приходи од 317 милиони долари, а дека годинава оваа сума најверојатно ќе биде надмината. Сепак, компанијата не се смета за профитабилна – загубите во 2012 изнесуваа 80 милиони долари, а само во првата половина од 2013, Твитер веќе е во загуба од 69 милиони. Според информациите, во пријавата на Твитер до властите имало повеќе примери на твитови кои покажуваат како познати брендови и познати личности го користеле сервисот во изминатите години.
Наспроти Фејсбук, чија користеност на мобилни уреди ги одврати инвеститорите да ги купуваат неговите акции при јавната понуда, мобилните статистики на Твитер се посебно импресивни: 75% од активните корисници на мрежата се вклучуваат преку мобилен, а 65% од нејзините приходи доаѓаат од рекламирање на мобилните уреди. Кај Фејсбук, само 41% од приходите од реклами доаѓаат од овој извор.