Твитер од својата платформа отстраниле повеќе од 170.000 профили со образложение дека биле поврзани со државни кампањи за влијание од Кина со фокус на протестите во Хонг Конг, Ковид-19 и американските протести за смртта на Џорџ Флојд.
Од социјалната мрежа соопштија дека се работело за 23.750 основни профили и уште 150.000 „засилувачи“ кои ги ширеле содржините од основните профили, пренесува Гардијан.
Истражувачите од Австралискиот институт за стратешки политики открија дека иако Твитер е блокиран во Кина, кампањата била насочена кон публика која говори кинески надвор од земјата, со намера да влијае на нивните перцепции за клучни прашања, меѓу кои протестите во Хонг Конг, кинескиот милијардер во егзил, Гуо Венгу и во помал обем содржини поврзани со Ковид-19 и Тајван.
Истражувачите анализирале скоро 350 илјади твитови меѓу јануари 2018 и април 2020 година и откриле дека најголемиот дел од нив биле објавувани за време на работното време во Пекинг во работни денови, и објавите се намалувале во текот на викендите.
Твитовите имале кинески текст, а според истражувачите главна цел биле луѓето кои живеат во Хонг Конг и пошироката кинеска дијаспора.
Доминантен процент од профилите (78,5%) немале следбеници, а дури 95% од профилите имале помалку од 8 следбеници. Тоа упатува на тактика на користење на комерцијалните мрежи на ботови. Дури 156 твитови од профил без следбеници добиле повеќе од 50 лајкови, а 26 твитови од профили без следбеници добиле повеќе од 10 ретвитови.
Покрај големата акција за бришење на профили од Кина, Твитер избриша и дополнителни 7.340 профили од Турција кои ја промовирале владејачката АК партија и претседателот Реџеп Таип Ердоган, како и 1.152 профили поврзани со Русија кои ширеле владина политичка пропаганда.
Твитер сопшти и дека во иднина ќе обезбеди архива од статистиките на импресии и други релевантни информации за сфаќањето на влијанието кои овие кампањи ги имаат врз граѓаните и ќе соработува со научниците за да се постигне таа цел.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.