Според внатрешно истражување на компанијата, алгоритмите на „Твитер“ даваат повеќе предност на конзервативната и десничарска содржина, пренесува „Еуроњуз“
Во скоро сите испитани земји, твитовите на конзервативните политичари имале повеќе предност за разлика од објавите на либералните политичари, признаа од „Твитер“.
Истовремено, десничарските медиуми се посилно споделувани за корисниците, за разлика од левичарските медиуми
Според студијата, „Твитер“ корисниците кои одбрале да ја гледаат содржината на својата „home“ страница според изборот на алгоритмот, наместо според обратен хронолошки ред, гледаат повеќе политички објави.
Од „Твитер“ велат дека ќе направат суштинска анализа за да откријат зошто алгоритмите даваат предност на десничарска содржина.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, редовно го обвинуваше „Твитер“ за замолчување на десничарските гласови, но внатрешната студија покажува дека републиканската содржина им била промовирана на корисниците многу повеќе за разлика од демократската содржина.
Социјалната мрежа исто така беше критикувана и од левичарите бидејќи не се бори против дезинформациите.
Истражувањето анализирало милиони твитови објавени од избраните политичари во седум земји помеѓу април и август минатата година.
Биле анализирани твитови на политичари од четири европски земји – Франција, Германија, Шпанија и Велика Бртианија, како и политичари од Јапонија, Канада и САД.
Само германските корисници гледале повеќе левичарски отколку десничарски содржини. Затоа пак, британските десничарски политичари биле поистакнати за разлика од левичарските политичари.
Од „Твитер“ велат дека предноста не им е дадена на специфични политички партии, туку на политички погледи и проблеми.