Твитер ги суспендираше профилите на неколку познати новинари кои ја следат работата на сопственикот на компанијата Илон Маск.
Се работи за новинари на Њујорк Тајмс, Си-Ен-Ен и Вашингтон Пост, а нивните профили биле блокирани синоќа.
Портпаролот на Твитер за вебсајтот „Верџ“ изјавил дека забраната била поврзана со пренесување на податоци за локација во живо. Ова доаѓа еден ден откако Твитер го забрани профилот кој го следеше приватниот авион на Маск, додека мултимилијардерот најави дека ќе го тужи сопственикот на овој профил.
Листата на суспендирани профили исто така вклучува и новинари од „Интерсепт“, „Мешабл“ и независните новинари Арон Рупар и Тони Вебстер.
Портпаролот на Њујорк Тајмс овие суспензии ги нарече „сомнителни и несреќни“ и посочи дека ниту медиумот ниту нивниот новинар Рајан Мак добиле било какво известување за ваквиот потег.
Од Си-Ен-Ен овој чекор го нарекоа „импулсивна и неправедна суспензија на многу новинари“ и дека тоа е „загрижувачки, но не и изненадувачки“. Тие побарале објаснување од Твитер за суспензијата и навеле дека според нивниот одговор тие ќе го реевалуираат односот со социјалната мрежа.
Маск на Твитер сподели дека сите профили вклучени во следење на локациите на движење, кои се однесуваат на приватни информации за луѓе онлајн добиле привремена суспензија од седум дена.
„Критикувајте ме цело време и тоа е ок, но следење на мојата локација во живо и загрозување на моето семејство не е во ред“, напиша Маск како одговор на суспензиите.
Пред два дена профилот @ElonJet, кој има повеќе од половина милион следбеници беше суспендиран од социјалната мрежа. Сопственикот на профилот, 20-годишниот Џек Свини, користеше јавно достапни информации за следење на движењето на авионите и испраќаше автоматизиран твит секој пат кога Маск полетува или слетува на некоја локација. Маск долго време имаше поплаки поради профилот и во една прилика директно му понудил 5.000 долари на Свини за да го избрише.