„Твоја приказна, наша поддршка“ – кампања за поголема поддршка на средношколците за менталното здравје

Под мотото „Твоја приказна, наша поддршка“, младинската организација „Младите можат“ спроведува кампања за едукација на средношколци на менталното здравје.

„Недостигот на едукација и поддршка во училиштата често ги оставa младите без простор за споделување и помош“, велат од организацијата.

Според Ана Попризова, училиштен психолог во гимназијата „Орце Николов“, кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ доаѓа во исклучително значајно време, бидејќи, вели таа, во последните години е забележан пораст на проблемите поврзани со анксиозност, депресија и меѓуврсничко насилство кај младите.

„Голем број ученици се соочуваат со проблеми за кои не зборуваат, поради страв од осудување или неразбирање. Многу од нив немаат пристап до соодветна поддршка во рамки на училиштата, што создава чувство на изолација. Кампањата на „Младите можат“ е исклучително важна бидејќи фокусот е на отворен дијалог и создавање безбедни простори каде учениците можат да ги
споделат своите проблеми“, истакнува Попризова.

Психолозите, вклучени во кампањата, потенцираат дека недостигот на свест и соодветна едукација за менталното здравје меѓу наставниците и учениците е една од клучните бариери за подобрување на состојбите.

„Проблемите се често поврзани со недоволна поддршка во училиштата, каде што се очекува дека наставниот кадар и стручните служби ќе бидат првите кои ќе забележат и реагираат на знаци на стрес и анксиозност. Но, за тоа е потребна едукација и промени во училишната структура“, додава Попризова.

Како дел од кампањата „Младите можат“ креираше онлајн анкета за учениците во која тие можат да ги изразат своите ставови за тоа како би требало да изгледа училишна средина која го поддржува нивното ментално здравје, а нејзините резултати ќе се искористат за препораки до надлежните институции.

Онлајн анкета за визијата на средношколците за идеално училиште