Поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад уапсени се 11 лица, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, јавува Н1.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека по прибирањето и деталната анализа на целата потребна документација, извршените разговори со поголем број граѓани, а по извршеното вештачење за да се утврдат причините и околностите под кои таа паднала, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, уапсени и приведени се вкупно единаесет лица.
Дел од уапсените се сомничат дека сториле тешко кривично дело против општата сигурност во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност, а дел дека сториле кривично дело непрописно и неправилно изведување градежни работи.
Според Обвинителството, за наведените кривични дела пропишана е затворска казна од 2 до 12 години.
Меѓу осомничените е и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ кој претходно поднесе оставка поради несреќата. Тој изјави дека не е уапсен, туку дека доброволно се одзвал на повикот на полицајците.
Инаку, вчера оставки поднесоа и Јелена Танасковиќ, в.д. директорка на јавното претпријатие „Железничка инфраструктура Србија“, како и министерот за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ.
При падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад загинаа 15 луѓе, додека две лица уште се повредени и нивните животи се во опасност.