Убедлива победа на Зоран Милановиќ за втор претседателски мандат во Хрватска

Зоран Милановиќ убедливо победи на изборите за претседател на Република Хрватска. За него гласале 1,12 милиони гласачи, додека Драган Приморац добил речиси 380.000 гласови, пренесува Ал Џазира Балканс.

До 22 часот обработени се 99,84 отсто од избирачките места. Според резултатите, Зоран Милановиќ освоил 74,68 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Драган Приморац 25,32 отсто.

„Ова е голем ден за мене и оваа победа ја гледам како признание за мојата работа за пет години и довербата на луѓето во мене“, напиша Зоран Милановиќ на Фејсбук по победата на претседателските избори.

Додека пак, претседателскиот кандидат на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Приморац, рече дека граѓаните ја донеса одлуката демократски и како таква треба да се почитува.

„Јас и Зоран Милановиќ споделуваме сосема различни духовни, морални, професионални вредности, како и размислувања за иднината на нашата татковина. Граѓаните ја донесоа одлуката демократски и како таква треба да се почитува“, изјави Драган Приморац.

Инаку, Милановиќ е хрватски адвокат и политичар, претседател на Хрватска од 19 февруари 2020 година. Милановиќ беше премиер на Хрватска од 2011 до 2016 година, а од 2007 до 2016 година беше претседател на Социјалдемократската партија на Хрватска.