Убиени 104 новинари во светот годинава, повеќе од половина од нив загинаа во Газа

Годинава во светот се убиени 104 новинари, а повеќе од половина од нив загинале во Газа, покажуваат податоците на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), пренесува Данас.

Генералниот секретар на ИФЈ, Антони Беланже посочи дека по 129-те смртни случаи регистрирани во 2023 година, „2024 година е една од најлошите години“.

Според ИФЈ, од почетокот на оваа година биле убиени 55 палестински медиумски работници. Од почетокот на војната на 7 октомври минатата година, бројот на убиени палестински новинари е најмалку 138, што ја прави оваа територија „една од најопасните во историјата на модерното новинарство, по Ирак, Филипини и Мексико“, според ИФЈ.

По Блискиот Исток, втора најопасна област за новинарите е азиско-пацифичкиот регион, со 20 смртни случаи, вклучувајќи шест атентати во Пакистан, пет во Бангладеш и три во Индија.

Во Европа, Украина е сè уште опасна земја за новинарите, каде оваа година загинаа четворица новинари.