Студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје периодов работеа на истражувања на разни теми – од влијанието на онлајн наставата врз менталното здравје на студентите и последиците од пандемијата врз луѓето, па до начинот како најдобро студентите да управуваат со сопственото време. Тоа им беше задача во склоп на предметот Медиуми и комуникации кај професорот Владимир Трајковиќ.
Меѓу нив се Лора Турановиќ и Крсте Симеонов, чие истражување се фокусира на здравјето на нивните колеги во услови на онлајн настава, наспроти настава со физичко присуство.
„Темата ја одбравме бидејќи ја чувствувавме блиска до нас поради тоа што ние како студенти требаше да се прилагодиме на моменталната состојба која поради пандемијата за нас и не беше толку многу едноставна. Во една година за нас се се смени, од одење на факултет со физичко присуство па до враќање дома и продолжување online. И покрај добрите предавања кои можам да кажам на нашиот факлутет се на високо ниво,сепак кај студентите се чувствува стрес, најмногу за време на полагање. Тој стрес е присутен и во наставата со физичко присуство но, во моменталната ситуација голем дел влијаеше и пандемијата која дополнително создава притисок врз студентите.Сето тоа најмногу влијае на здравјето на студентите“, ни објасни студентката Турановиќ.
Резултатите кои ги добиле преку анкетирање на студентите покажале дека здравјето на нивните колеги е значително намалено за време на онлајн наставата, а воедно чувствувале поголем стрес.
„И доколку студентите би бирале, 70 % од нив се изјаснија дека за нив наставата со физичко присуство е многу подобра и би ја одбрале таа“, вели Турановиќ.
Заедно со Симеонов направиле Фејсбук страница која ја нарекоа „Позитивни пораки“. Тоа е место каде споделуваат позитивни пораки со што би им помогнале на студентите да го пребродат овој период.
Сличен мотив имале и Филип Атанасов со неговите колеги, кои периодов решиле да го испитуваат влијанието на карантинот и пандемијата врз психичкото здравје кај луѓето. Тие сметаат дека постојано се става акцент на физичкото здравје.
„Мерките кои се преземаа беа за заштита од вирусот, но во ниту еден момент не и на нашето психичко здравје, што е од особено значење кај младите кои релативно лесно го поминуваат вирусот за 14 дена, но ограничениот начин на живот во клучните години за оформување и на приватно и на професионално поле, трае веќе повеќе и од една година“, посочува Атанасов.
Тие направиле анкета со 120 луѓе од која како заклучок извлекле дека со почетокот на пандемијата, анкетираните забележале зголемено чувство на анкциозност, депресија и осаменост, како и влошено физичко здравје.
„Сега ова е актуелна тема на глобално ниво, но ние не најдовме многу официјални статистики како што првично очекувавме, бидејќи повеќето се индивидуални истражувања. Она што беше најинтересно околу овој процес, е тоа што професорот Владимир Трајковиќ ни посочи да најдеме твит и хаштаг ќе го опишат нашето истражување, па така целиот проект се водеше околу #KeepSane („Останете разумни“), како паралела на веќе актуелниот #KeepSafe“ („Останете безбездни“), посочи Атанасов.
Друга група на студенти, пак, решиле да направат проект за менаџирањето на времето меѓу нивните колеги.
Анализирајќи, заклучиле дека не сите студенти се задоволни од тоа како го менаџираат своето време. Сепак, поголем број кажале дека доброто менаџирање е клучен фактор за завршување на студентските обврски во предвидениот рок и постигнување на солидни резултати на испитите.
„Како студенти, секојдневно сме соочени со предизвикот на навремено исполнување на обврските и често се наоѓаме во ситуација кога некој студент вели дека нема доволно време за да ги исполни доделените задачи. Па поаѓајќи од фактот дека студентите се постојано во трка со времето, сакајќи истовремено да бидат во тек со сите настани, ( пратејќи ги социјалните мрежи кои одземаат најмногу време) неопходно е менаџирање на времето за ефективно учење се со цел постигнување на најдобри резулти. Ние сите сме веќе втора година на студии и како поминуваат семестрите, се подобро и подобро го менаџираме времето бидејќи тоа се учи од грешките и од искуството. Во прва година сите бевме најнеорганизирани затоа што се наоѓавме во нова средина и сеуште го немавме започнато нашиот пат кон успехот, па бидејќи со текот на времето ја сфативме важноста на оваа тема, одлучивме да го направиме овој проект за да им помогнеме на останатите студенти“, вели Тифани Стојческа, дел од тимот студенти кои работеа на ова истражување.
Од интервјуата што ги направиле со успешни студенти, како и од одговорите што ги добиле преку онлајн анкета, дознале дека студентите користат разни начини за менаџирање на времето – од планери во хартиена форма, па до апликации за телефон.
„На крај, може да се сложиме дека учењето во последна минута, кое е резултат на лошото менаџирање на времето, предизвикува анксиозност кај студентите и намалена концентрација. Првиот чекор кон успехот е да се сфати кој метод на организација најмногу ни одговара, а вториот е истиот да се имплементира“, смета Стојческа.
„Би било убаво доколку има повеќе вакви проекти“
Истражувањето и работата на проектните задачи, овие студенти ги опишуваат како забавни и доста поучни. Тие сметаат дека треба повеќе вакви проекти да бидат застапени во формалното образование.
„Овие проекти се добри затоа што од нив можат да произлезат добри активности кои би им помогнале на студентите во секое поле и најважно од се е да се слушне мислењето на студентите за било која тема која ги засега нив. Би било убаво доколку вакви проекти има повеќе, не само на нашиот факултет туку и на другите. Па, ние сакавме нашиот проект да биде поттик за други кои имаат желба да работат на вакви истражувања“, вели Турановиќ.
На ова се надоврзува Стојческа, која посочи дека низ процесот научиле методи за организација на времето и го зацврстиле нивниот став дека менаџирањето на времето е клучен фактор во успехот на секој студент.
„Во однос на проектите од ваков тип сметаме дека е секогаш добро да се преземаат вакви иницијативи од страна на студентите, затоа што можат многу да научат од целиот процес, а едукативни се и за останатите од аспект на анализите спроведени во истражувањето“, вели Стојческа.
Според нивниот професор Трајковиќ, годинава има околу 40 проекти во кои биле вклучени околу 200 студенти. Тој истакнува дека идејата на предметот е постигнување на некаков општествен импакт.
„Преку проектните задачи од овој предмет, практикуваат тимска работа, треба да организираат и реализираат активности, што често значат комуникација со трети ентитети и излез од комфорна зона, и се соочуваат со предизвици кои треба да ги надминат, а со цел да ги реализираат поставените задачи. Во принцип, ова е нешто што ќе треба да го прават и во својата професионална кариера“, заклучи тој.
Емилија Петреска