„Ој судија, ти кадија, криво седи право суди
Јас си одев на орање и си носев сладок ручек
ме пресрете еже момче, тој ме бутна, ме побутна
ми истури сладок ручек, топеница маштеница
Што и вели судијата, што и вели кадијата:
Тој е момче се задева, ти со мома, седи дома!“
Ова е дел од приказните кои учениците ги читаат во учебникот по македонски јазик за петто одделение. Повеќе граѓански здруженија деновиве на социјалните мрежи ги осудија ваквите содржини и побараа нивна ревизија, бидејќи промовираат стеротипи, мизогинија и ги ставаат жените во подредена позиција.
Освен оваа песничка, во истиот учебник може да се прочита и приказната „Мрзливата сопруга“, во која мажот посакал сопругата да му сошие кошула, но таа не сака да го направи тоа зашто има премногу обврски. Поради ова, жената е прогласена за мрзелива. Под приказната, во делот „Размисли – одговори“, за учениците се поставени повеќе прашања од типот: „Што правела од понеделник до недела мрзливата жена? Познаваш ли некоја жена како мрзливата сопруга? Какво мислење имаш за неа?“, што според активистите претставува наметнување на патријархални ставови кај децата.
Ива Галевска од неформалната иницијатива „Бори се женски“ која се бори за промовирање на родова рамноправност и заедно со здружението „ЛезФем“ ги објавија спорните содржини на социјалните мрежи, вели дека во приказната за „мрзеливата сопруга“, жената која не е во служба на својот маж е претставена како мрзелива, неспособна и е во подредена ситуација.
„Македонската народна приказна е дел од фолклорот и ние не можеме да ја менуваме, но можеме да ја деконструираме и анализираме. Она што повеќе загрижува е дискусијата под овие приказни во учебникот која е крајно тенденциозна со прашањата „Што мислиш за неа, познаваш ли некоја ваква мрзлива жена“, што укажува на тоа дека децата се тераат да размислуваат мизогино и им се наметнуваат патријархални ставови кои се многу опасни. Наместо да го искоренуваме патријархатот се наоѓаме во ситуација каде самиот систем го наметнува, што е многу лошо и погрешно“, вели Галевска.
Izjava na Iva Galevska od “Bori se zenski” by Radio Mof on Mixcloud
Ирена Цветковиќ, активистка за човекови права и дел од здружението „ЛезФем“, смета дека овие примери се само мал дел од стереотипите за жените кои ги содржат учебниците.
„Фрапантно е што ние имаме комплетна процедура за донесување на еден учебник и не можеме да збориме дека ова е грешка или е инцидент. Туку така лесно не се прават и одобруваат учебници и затоа моето прашање е каде е одговорноста? Таа треба да се лоцира во неколку центри кои имаат моќ да одлучуваат и наша препорака е да се направи една сериозна ревизија на сите учебници“, вели Цветковиќ. Таа неколку пати во јавноста предупреди и за хомофобичните содржини во учебниците во средното образование, каде хомосексуалците се опишувани како „личности со психички потешкотии и пречки“.
Izjava na Irena Cvetkovik od LezFem by Radio Mof on Mixcloud
Директорката на Бирото за развој на образование, Весна Хорватовиќ вели дека тие немаат надлежност во делот на учебниците, бидејќи за нив сносат одговорност авторите и рецензентите а ги ревидираат рецензентските комисии како и Националната комисија за учебници.
„Ние како Биро за развој на образованието немаме никаква законска обврска во делот на учебниците. Како и претходно што имаше иницијатива за менување на одредени содржини во учебниците, физички лица или пак граѓански организации може да побараат од рецензентските комисии да се направи ревизија“, вели Хорватовиќ за Радио МОФ.
Претседателот на Националната комисија за учебници, Зоран Радиќ вели дека не слушнал за ваквите содржини, бидејќи досега до Комисијата не стигнала пријава за проблематичните содржини.
„Не можам ништо да ви кажам, зашто не сум видел. Обично кога имаме проблем, по барање на министерот за образование и наука спроведуваме ревизија на одреден учебник“, изјави Радиќ за Радио МОФ.
Проблемите со многубројните грешки во учебниците започнаа уште во 2010-тата година откако учебникот „Општество“ беше повлечен заради скандалозните содржини. Само неговото препечатување ги чинеше граѓаните еден милион денари. Тогашниот министер за образование и наука, Никола Тодоров најави спектакуларна ревизија на преку 200 учебници во образовниот систем заради големиот број нелогичности и лошиот квалитет, но иако министерството тврди дека ревизијата е завршена, јавноста и ден денес не ги виде резултатите од неа.
Кристина Озимец