Ученичка манифестација за заштита на македонскиот јазик

Во организација на учениците на скопското средно училиште „Арсени Јовков“, во Драмскиот театар во Скопје денеска ќе се одржи петтата, традиционална манифестација „Твориме, создаваме и зборуваме на македонски јазик“.

Целта на овој настан е младите да се насочат кон правилна употреба на македонскиот литературен стандарден јазик. Напливот на англицизмите, дијалектите, сленгот и жаргонот сè почесто се форми на јазикот со кои младите комуницираат меѓу себе. Клучот на нашето постоење е токму јазикот кој претставува животворен елемент на една нација и треба да се негува, сметаат организаторите на настанот.

„И во времињата минати и во времињата идни, јазикот е оној кој нè одвојува од другите. Мислата за сплотување на македонскиот народ во македонска држава го создаде и неминовниот процес за целосно оформување на македонскиот литературен стандарден јазик. Ова значи дека ги имаме придобивките, но тоа не значи дека овде треба да застанеме. Напротив, преку вакви настани треба да го спречиме напливот на нови елементи од странски јазици и да го негуваме во неговата стандардизирана форма. Да ги почитуваме дијалектите, сленгот и жаргонот како негово богатство, но да не дозволиме тие да ја нарушат неговата автентичност. Младите се нашата иднина, тие ќе го пренесат на своите поколенија она што ние денес го градиме, негуваме и чуваме. Да ги научиме на патот кон нивното созревање да ја осознаат светлата точка и значењето на нивниот идентитет – македонскиот јазик“, истакна г-ѓа Јованка Аспровска, директор на СЕПУГС „Арсени Јовков“.

Во програмата се опфатени повеќе сегменти од јазикот и неговата употреба, преку соодветни драматизации и тоа: македонскиот јазик во македонската поезија, во македонскиот роман, во македонскиот филм, во македонската музика, во драмските текстови, во клише муабетите – во практиката и користењето на сленгот и дијалектите во секојдневната комуникација.

На манифестацијата ќе учествуваат ученици од основните училишта од Општина Бутел и Општина Ѓорче Петров, како и учениците од СЕПУГС „Арсени Јовков“, со претставата „Автобус Јутонг“, по текст и режија на проф. Розита Закева. Во претставата е прикажана употребата на македонскиот јазик во секојдневниот говор.
Годинешното мото на Петтата јубилејна манифестација е „Македонскиот јазик наш идентитет“.