Ученичка заедница на „Орце Николов“: Да се повлече одлуката за разрешување на директорот Митко Димовски

Од Ученичката заедница на гимназијата „Орце Николов“, стигна јавно писмо со кое се аргументира нивното барање да се ревидира и повлече одлуката на градските власти за разрешување на директорот на ова средно школо, Митко Димовски, чиј мандат регуларно требаше да истече во 2026 година.

Според учениците се работи за одговорна личност, лидер и човек што секогаш се залагал за нивните права, но и правата на професорите, воедно организирал најмногу интернационални размени на ученици од држави од Европа и светот, меѓуетничката комуникација била на највисоко ниво, се спроведувале и воннаставни активности, а школото постигнало и значаен напредок со инфраструктурата, дисциплината и училишната организација.

Во продолжение, интегрално го објавуваме јавното обраќање и барањата на Ученичката заедница на „Орце Николов“:

Во име на сите ученици кои завчера (на 11 март 2025) одлучија да ја дадат својата апсолутна поддршка на маршот за доставување на барањето за ревидирање и повлекување на одлуката за разрешување на директорот на СУГС Гимназија „Орце Николов”, м-р Митко Димовски, но и во име на сите 719 ученици кои го дадоа својот симболичен потпис на петицијата која ја состави и спроведе, како врховно претставничко тело на учениците во нашата гимназија – Ученичка заедница на „Орце Николов” (УЗО), сакаме да се произнесеме апропо неколку информации кои се од големо значење за нашето училиште, јавното мислење и, воопшто, целата ситуација во која се најдоа учениците и професорите, која доби неочекувано акцентирана политичка димензија.

Првенствено, сакаме да ве известиме дека на завчерашниот протестен марш, кој помина во најдобар ред и на кој, на симболичен начин, учениците го искажаа своето незадоволство и револтот како резултат на нетранспарентноста, молчаливоста и неодговорноста на државните институции кои го разрешија проф. Митко Димовски без никакво конкретно образложение до моментот на протестниот марш, за време на најголемата манифестација која ја доживеало училиштето во последните десет години – неговиот седумдесетти патрон празник. Потесното раководство на Ученичката заедница го достави барањето до архивот на локалната самоуправа, кое ги содржи главните точки по кои се повикуваме, но и петицијата која ја потпишаа 719 ученици, сѐ со цел да се зголеми демократскиот капацитет на нашето ученичко делување, но и да се апострофира димензијата на влијането на учениците и како нивното пренебрегнување и заобиколување во формалните процеси кои се од нивен интерес, води кон очигледна поларизација во заедницата. Дел од барањето до Град Скопје ќе биде проследено и во прилог, а одговорот на истото Ученичката заедница сѐ уште го чека.

Од друга страна, завчера, неколку часа пред најавениот протестен марш пред надлежната институција, еден македонски портал објави статија која содржеше, како што велат, претстава од страна на група професори во „Орце Николов”, во која беше наведено:

„1. Најпрвин Ве известуваме дека денес на 10.03.2025 година, во неколку класови за време на изведување на наставата, од страна на некои од колегите професори, се пуштени бланко листови за потпишување на учениците своерачно, каде после потпишувањето на учениците им е соопштено дека потписите кои ги ставиле на листот, се за поддршка на разрешениот директор и за поддршка да се врати на функцијата;

2. Во исто време им е соопштено на учениците дека утре во текот на денот, за време на наставата, ќе има прекин на наставата со протести од страна на учениците кои сакаат и со губење на часови, за поддршка за враќање на функција на разрешениот директор Митко Димовски…”

Ученичката заедница јасно и изрично ги осудува ваквите клевети и, како што тоа го изјасни на завчерашнот марш, одбива да премолчи пред обид за политизирање на јавното мислење на вредни ученици кои го оставруваат своето законско и уставно право на искажување сопствено мислење. Статијата со претставката беше потпишана само со инцијали на професори и во себе содржи шпекулации кои, на секаков начин, се понижувачки и невистинити. Ученичката заедница никогаш не врбувала никого да го даде својот потпис – тоа беше лична одлука на секој поединечен ученик и тоа јасно се гледа во резултатот од петицијата (има голем број ученици кои одбија да го дадат својот потпис, многу од нив во страв за можни реперкусии), а што е уште поважно – професорите никогаш не добија пристап до петицијата и оваа статија, ширејќи и креирајќи демагогија, воедно ги понижува и обезвреднува сите професори во нашето училиште. Дополнително, Ученичката заедница никогаш не најави „бегање од часови”, туку сите ученици кои учествуваа во мирниот марш, решија дека се подготвени да добијат еден изостанок, повторно, на симболичен начин, покажувајќи го своето незадоволство и несогласување со потполно нетранспарентната одлука на Град Скопје и Државниот просветен инспекторат.

Во поглед на понатамошното дејствување, Ученичката заедница нема ништо планирано сѐ додека не добиеме соодветен одговор од градоначалникот. Доколку образложенитето е незасновано и повторно насторено кон вештачко креирање спротивставени страни во овој мачен бирократски процес, Ученичката заедница ќе размисли на кој начин ќе дејствува и како ќе го искаже своето мислење, во тој контекст. Оттука, јасно апелираме и дека ние немаме ништо против тековниот директор кој е во служба на замена на проф. Митко Димовски и веруваме дека нашата комуникација со него ќе биде коректна, меѓутоа ние не го кажуваме своето мислење од хир или моментна нервоза, туку во обид да се изјасни принципот на верување во авторитет на една од најважните институции во нашата држава, средното училиште. Иако овој период бевме подложни на секаков вид манипулација и инхибирање на поголемиот дел од јавното мислење и отпор, ние нема да премолчиме сѐ додека не добиеме транспарентност, стабилност и засновани одлуки и решенија од страна на сите надлежни институции и, најважно од сѐ, додека нашето мислење не биде земено во обѕир во текот на носењето на важни одлуки за нас и целата гимназија.

Дел од барањето доставено до Град Скопје:

Во име на Ученичката заедница на СУГС Гимназија „Орце Николов” во рамките на групите и организациите на здружување предвидени со Статутот на училиштето и Правилникот за работа на Ученичката заедница, усвоен во февруари 2024 година, едногласно бараме да се ревидира и повлече решението за разрешување на директорот на СУГС Гимназија „Орце Николов” м-р Митко Димовски, од функцијата директор на училиштето. Покрај правните основи што се наведени во ова барање, како Ученичка заедница, а оттаму и врвно репрезентативно тело на учениците, во форма на прилог ја доставуваме и петицијата која ја потпишаа 719 ученици од училиштето, која го вклучува потписот на секој ученик. Ова барање ќе вклучува и правна заснованост на аргументите на репрезентативното тело на учениците, но и морална основа од која поаѓаме како заедница која максимално го почитува трудот на нашиот директор, но пред сѐ претпочитаме да ја валоризираме потребата од релевантни информации за причините поради кои решението за разрешување на директорот воопшто стапи во сила.

Првенствено, според член 93 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017, 64/2018 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 229/2020) и член 110 од Статутот на „Орце Николов”, директорот на училиштето може да биде разрешен само доколку е исполнет барем еден услов од диспозицијата наведена во членовите, што кај м-р Митко Димовски, не е случајот.

Впрочем, имајќи го предвид образложението по кое дејствуваме со ова барање и начинот на работа на директорот, се воочува дека физичкото лице ја извршува својата работа во согласност со компетенциите предивдени со закон. Иако директорот го има правото да постапи по член 112 и 113 од Статутот, ние, како Ученичка заедница, агитираме за враќање на директорот на своето работно место, поаѓајќи од становиштето дека тој не го има прекршено Законот и Статутот на училиштето.

Според член 15 од Уставот на Република Македонија (бр. 08-4642/1), секое лице има право на правна заштита и на правична и јавна постапка. Одлуката за разрешување на директорот на училиштето беше донесена на нетранспарентен начин, навреме и во согласност со добрите практики за разрешување, кои вклучуваат тековни консултации со сите групи во училиштето, вклучувајќи ги и учениците, професорите, стручните соработници, Училишниот одбор и Советите.

Согласно принципите на добро управување, како што се наведени во член 4 и 5 од Законот за јавните службеници, сите службеници во органите на јавната власт, како што е Општината, Државниот просветен инспекторат и единицата на локална самоуправа – град Скопје, се должни да ја извршуваат својата работа на транспарентен начин и да ја почитуваат волјата на заедницата која ја претставуваат, што во овој случај не се испоставува како позитивна пракса.

Според Законот за основното и средното образование на Република Македонија, директорите не се разрешуваат без претходна постапка која вклучува конкретни докази и правичен процес. Оваа одлука се чини дека е донесена без да се исполнат законските критериуми и без да се води одговорност, особено земајќи го во обѕир контекстот на случувањата, во рамките на кој е изречена одлуката за разрешување. Имено, месец март 2025 година (месецот кога настапува решението на Град Скопје и Државниот просветен инспекторат во конгруенција), СУГС Гимназија „Орце Николов” го организира својот седумдесетти, јубелеен патрон празник, за чија организација и медијација директорот на училиштето беше главен и одговорен. Ученичката заедница ја смета оваа одлука за несоодветна и неоснована – огледувајќи се на фактичката состојба на трање на мандатот на директорот до 2026 година.

Според член 93-б, 93-в и 93-г од Законот за средното образование, директорот има право во рок од седум дена да се изјасни за наводите од заклучокот на Училишниот одбор, што како процедура, заедно со седницата на Училишниот одбор, е пренебрегната. Директорот, како главен претставник на училиштето, со себе носи голем кредибилитет, интегритет и авторитет и Законот и Статутот точно го определуваат начинот на кој неговата работа и функција се регулирани. Дополнително, учениците се повторно заобиколени и пренебрегнати во оваа процедура, што како Ученичка заедница, чувствуваме нужна потреба да го апострофираме и апелираме.

Покрај правните аргументи зад ова барање, како претставничко тело на сите ученици во нашето училиште, дополнително црпејќи го легитимитетот од петицијата која мнозина од учениците ја потпишаа, претпочитаме да алудираме и на моралните причини поради кои дотичниот директор не треба да биде разрешен од својата функција. Професорот м-р Митко Димовски е одговорна личност, лидер и човек кој секогаш се залагал за правата на учениците и професорите. Во изминатите неполни седум години, тој ги спроведуваше своите мандати во име на доброто на учениците, наставниот кадар, персоналот и апсолутно секоја остната група на луѓе во „Орце Николов”. Во неговото време во нашето училиште се направени и организирани најмногу интернационални размени на ученици од држави ширум Европа и светот, меѓуетничката комуникација е на највисоко ниво, во училиштето се спроведуваат убедливо најмногу воннаставни активности во кои и учениците и професорите ја имаат можноста да остават печат со својата единственост. Професорот Митко Димовски располага и со исклучителни квалитети во поглед на комуникација со персоналот и учениците кои нашата заедница ги застапува и има обезбедено најсилен демократски капацитет на заедницата досега, одржувајќи постојани контакти со сите претседатели на класови и координирајќи ги сите активности кои се во полза на учениците и целото училиште. За време на неговиот мандат, училиштето постигна значителен напредок во однос на инфраструктурата, училишната дисциплина и училишната организација. Впрочем, петицијата за негово враќање на работното место говори доволно за тоа колку сме задоволни од неговата работа, покрај правното образложение во контекст на неговата неповредливост, чесност и државно-административна отчетност.

Имајќи го ја во обѕир сржта на ова барање – правниот и моралниот стожер зад кој цврсто стоиме, ние како ученици се чувствуваме игнорирани и понижени од оваа одлука, бидејќи дотичниот директор беше наш лидер и човек кој секогаш се залагаше за нас и нашите права, нашата добросостојба и добробитта на целото училиште. Отстранувањето на директорот без јавност, транспарентност и правичен процес може да има негативни последици врз нашето образование и мотивација во текот на следните години и, секако, ја нарушува институционалната рамка на процедурите кои го засегаат ваквиот обем на државно-правно дејствување…

Ученичка заедница на Гимназија „Орце Николов“