На втората научна конференција „Наука за деца“, која се одржува во организација на Фондацијата „Кантарот“, беше доделена наградата „Иван Ќостаров“ за извонреден научен потенцијал.
Финалисти за наградата, според стручното жири од научници, беа финалистите Деа Ивановска, Теа Ангелова, Зоран Илијоски, Јаков Грујовски и Мила Порјазоска.
Порјазоска беше прогласена за добитничка на главната награда „Иван Ќостаров“ во вредност од 30.000 денари, која наменета за ученици од шесто до деветто одделение, со цел популаризација на науката меѓу децата.
„Наградата го носи името на Иван Ќостаров, роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019. Иван имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој долги години живеел во Данска. Тој е и човекот кој заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа“, велат од платформата „Наука за деца“.
Во рамки на научната конференција за деца беше организирана и изложба на детски цртежи, кои беа избрани како финалисти на конкурсот „Научна фантазија“.
Наградени еа победниците – Ана Илова во категоријата до 8 години, Миа Несторова во категоријата 9 години и постари, како и Јаков Грујовски во категоријата дигитални цртежи.
На конференцијата им беа врачени и признанија на наставниците кои изминатата година се истакнаа во работата со децата и ја поттикнуваа нивната љубопитност и љубов кон науката – Валентина Степановска Андонова, Рајна Милисавова и Крунослав Прошев.
Главниот дел од програмата на конференцијата го сочинуваа предавања и работилници водени од проф. д-р Никола Стиков и д-р Тања Павлеска. Преку нив децата на интересен начин се запознаа со многу научни концепти, при што оваа година акцентот е на оптичките илузии и магичниот свет на веројатностите.
Платформата „Наука за деца“ востанови награда за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“