Јована Трифуновска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид освоија бронзени медали на четвртата Европската олимпијада по информатика за девојки која од 21 до 27 јули се одржува во Велдховен, Холандија, соопштија од Здружение на информатичарите на Македонија (ЗИМ).
Достоен резултат, како што соопштија оттаму, постигнаа и останатите две членки на македонскиот тим Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
„Ученичките кои се дел од македонскиот тим на ЕОИД 2024 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Ако се вклучат и овие два медали, македонските ученички на досегашните четири изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата. Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. ЕОИД има за цел да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво“, велат од ЗИМ.
Оваа олимпијада, како што истакнуваат тие, игра клучна улога во охрабрувањето повеќе девојки да изберат кариери во компјутерските науки и сродните области, каде жените често се недоволно застапени.
Претседателот на ЗИМ и лидер на тимот, Јованов вели дека успехот кој го постигнаа ученичките во силната конкуренција е доказ за талентот во Македонија и нивната посветеност како професори и како Здружение да го развиваме тој талент.
„Оваа година, Македонија имаше и петти натпреварувач. Ученичката Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за нашата држава, годинава како ученичка во Хрватска, учествуваше во хрватскиот тим за кој освои медал. Софија е пример за целата класа ученици кои ни заминуваат од Македонија како резултат на миграцијата. За жал, годинава наместо да имаме подобрување во однос на поддршката на натпреварувачите од страна на државата, дури и онаа мала поддршка која тие ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт е укината. Да не се нашите пријатели како Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и неколку општествено одговорни компании како Сорсикс, Нетцетерa, Фјуриос авокадо, кои може да се избројат на една рака, ние нема да можеме да ги спроведуваме нашите активности. Апелирам за сериозност на државните институции и поддршка на активностите кои ги прави нашето здружение и останатите научни здруженија кои со години волонтерски работат. Да не дозволиме и понатаму нашите најдобри умови да си одат од државата заради чувство на незадоволство од институциите“, истакна Јованов.
Според планот, следната, петта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025) ќе се одржи во Германија, додека следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кишињев, Молдавија, кон крајот на август.