Неколку стотини ученици и родители утрово протестираа пред средното медицинско училиште СУГС „Панче Караѓозов“ во Скопје, каде денеска во 10 часот беа закажани квалификациски испити за прием во средно.
Имено, биологија и хемија, според листата истакната на влезот на училиштето, треба да полагаат 164 ученици кои се пријавиле за настава на албански јазик на смерот медицинска сестра, сите со просек 5.00. Место, според конкурсот, има за 102 ученика во три паралелки.
Како што велат за Радио МОФ, наместо испит, со протестот бараат отворање на уште една , дополнителна паралелка за отсекот медицински сестри, каде ќе можат да бидат примени сите ученици. Дел од родителите влегоа во училиштето за да разговараат со одговорните.
Протестот доаѓа по информацијата дека вчера беше откажано квалификационото тестирање за прием во скопската гимназија „Орце Николов“, каде проблемот со вишокот пријавени ученици со потполно одличен успех, се реши така што беше договорено да се примат сите ученици, преку прераспределба на паралелките.
Во петокот, од Министерството за образование и наука за Радио МОФ соопштија дека во понеделник, ќе има квалификациско тестирање за прием три средни училишта од здравствена, и во гимназијата „Орце Николов“ кое викендов беше откажано. За денеска се закажани квалификациони тестови и во СОУ „Димитар Влахов” Струмица и СОУ „Ѓорче Петров” Прилеп, за смерот медицински сестри, на македонски наставен јазик.