Ученици од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“ утринава се собраа во дворот и холот на училиштето за да протестираат поради загадувањето на воздухот. Протестот започнал по третиот час и се уште трае.
„Јосип Броз Тито“ беше една од ретките гимназии каде во петокот не се одржа бојкот на наставата. Наместо тоа, ученици садеа дрвца во дворот.
„Средношколците преземаат иницијатива со цел да се подигне свеста за тоа дека здравјето ни е ставено на ризик поради алармантното ниво на загадување на воздухот. Го сметаме ова како акт на директно изјаснување поткрепено со правото на слободен говор и право за бунт. Покрај тоа, за да нема реакции и контра аргументи од типот дека ова го правиме со причина од личен интерес ( да губиме часови) сакаме да наведеме дека лично сакаме да го надоместиме ова со превенции што се во наша можност“, велат тие за Радио МОФ.
Во петокот, повеќе гимназии во Скопје, но и Куманово, Гостивар, Тетово, Прилеп и Струмица ја бојкотираа наставата за да им порачат на надлежните сериозно да го сфатат проблемот со загадувањето. Тие подоцна се приклучија на маршот за чист воздух организиран од бројни граѓански организации и иницијативи.