Од вкупно 58 држави, учениците од Македонија испитувани на меѓународното ТИМСС (Trends International Mathematics and Science Study) тестирање, се на 44 место во математичка писменост и 47 место во природни науки. Тестирањето е спроведено во 2023 година, по петти пат во државата, а тестирани беа учениците од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и за првпат електронски, информира Министерството за образование и наука (МОН).
„И оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени, за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата. Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители“, истакнуваат од МОН.
Како што велат оттаму, тие најавија и во се’ поголем број училишта реализираат продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси.
„Преку процесот на оптимизација, градиме ефикасна училишна мрежа која ќе доведе до најдобар успех на учениците со рационално користење на ресурсите. Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука. Наставниците продолжуваат со сериозни обуки, затоа што тие се темелот на целиот воспитно-образовен систем“, додаваат од Министерството.
Според нив, подобрување на резултатите на државата на меѓународните тестирања ќе дојде само како резултат на реално подобрување на квалитетот на целиот воспитно-образовен систем и на тоа континуирано работат.
Инаку, ТИМСС е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања. Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.